Ги повикувам граѓаните доколку било кој врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела, тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран било каков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата по денешната посета на СВР Куманово и локалната самоуправа. 

Спасовски ги информираше медиумите дека на средбата со раководството на СВР Куманово, како и на посетите кои во текот на септември се реализираа во другите сектори за внатрешни работи, се разговарало за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да мине во најдобар ред, односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.

спасовски куманово

– МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран, рече Спасовски.

На средбата во СВР Куманово се разговарало и за безбедносната состојба на ова подрачје и било констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето.

Притоа било посочено дека во првото полугодие од 2018 година во Куманово се бележи зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области.

На средбата било истакнато дека во текот на првото полугодие од 2018 година, активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија резултираа со откривање на 14 кривични дела, што претставува зголемување од 75 отсто на откривачката функција во однос на споредбениот период од минатата година. Одлични резултати има и во откривањето на криумчари на мигранти, а се бележи и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир.

На средбата со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски беше констатирана одличната соработка меѓу МВР и општина Куманово, а се разговараше и за дополнително унапредување на таа соработка.

Министерот Спасовски најави и дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за изградба на нов објект на СВР Куманово.