Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува потребната синергија меѓу различните регионални иницијативи, осигурувајќи одржливост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации на земјите кориснички, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во воведното обраќање на министерската конференција во рамки на „Брдо Процесот“.

Конференцијата, што денеска и утре се одржува во Скопје, е третиот состанок на Управниот одбор на иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), чиј домаќин и коорганизатор, заедно со словенечкото претседателство со Брдо процесот, е токму МВР на Република Северна Македонија.

-Радува фактот што во регионот се воведе иницијатива за интегрирано управување со внатрешната безбедност која ги спои под едно заглавје иницијативите за надворешна помош, ги вклучи и регионалните иницијативи и организации во спроведувањето и реализирањето на таа помош и ги постави основите на вистинска координација на внатрешната безбедност на овој регион. Механизмот на интегрирано управување со внатрешната безбедност ја обезбедува потребната синергија меѓу различните регионални ииницијативи, осигурувајќи одржливост и еден сеопфатен пристап во постапувањето на сите национални администрации на земјите кориснички, но и на сите регионални рамки и постоечки инструменти и утврдени алатки- рече Спасовски.

Она што останува, имајќи го предвид ваквиот начин на управување со внатрешната безбедност, според Спасовски е поефективно искористување на надворешната помош од земјите-членки на ЕУ, област која повеќето земји од Западен Балкан недоволно ја користат, но и цврсто воспоставување на регионална сопственост.

Министерот Спасовски во својот говор се осврна и Договорот од Преспа, нагласувајќи дека конечно е решен спорот со Грција, а со Договорот и со неговата ратификација во двете земји е затворен проблем, што постоел повеќе од 25 години и сега е трансформиран во стабилно пријателство.

-Паралелно со политичкиот процес, работевме напорно на клучните реформски области зададени од Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година и тоа, реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација- нагласи Спасовски.

Тој кусо се осврна на низа досегашни реформски активности во рамки на Министерството за внатрешни работи, а кои имаат за цел воспоставување и зајакнување на професионалните стандарди, владеење на правото и функционирање на правната држава.

-Реформски процеси се водат во областите оценети како најкритични и кои имаа негативни референци во извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации, области кои се најсуштествени во Министерството и се од исклучителна важност за гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните- нагласи министерот Спасовски.

Обраќање пред присутните имаше и словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар, а предвидено е во неколкуте работни сесии да се направи сеопфатна анализа на досегашните состојби и перспективи на Иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ), како и за нејзиното организационо и стратешко позиционирање.

Притоа, од особена важност е што на министерскиот состанок ќе бидат промовирани новите проектни задачи на ИИСГ во делот на функционирањето на т.н. Група за поддршка на ИИСГ како координативно тело за имплементација на иницијативата, односно вклучувањето на преставници од земјите на Западен Балкан во работата на оваа група.