Чест ми е што повторно можам да го водам Министерството за внатрешни работи и заедно со сите вработени да придонесеме за подобра безбедност на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција, на којашто најави дека продолжуваат со имплементација на стратегиите што ги подготвиле во изминатиот период и кои треба да придонесат за поефикасна работа на македонската полиција.

Како што рече Спасовски, во соработка со Министерството за одбрана и Министерството за информатичко општество и администрација продолжуваат реформите во областа на кибернетската безбедност, а во соработка со другите институции продолжува бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата.

– Ќе дадеме полн придонес за успешно спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 24: Борба против корупција и организиран криминал, како едно од клучните поглавја во процесот. Ќе ја интензивираме борбата против илегалната миграција и трговијата со луѓе, и очекувам, како и во претходниот период, да продолжи одличната соработка со нашите меѓународни партнери и граѓанскиот сектор во насока на остварување на овие цели – потенцира Спасовски.

Тој вели дека добрите резултати на полицијата доаѓаат со работата на мотивирани полициски службеници, на кои постојано им ги подобруваваат условите за работа и стандардот, а тоа ќе го прават уште поинтензивно во наредниот период.

– Продолжуваме со реновирањето на полициските станици, но и со изградба на нови објекти, набавка на нови униформи. Во напредна фаза е изградбата на зградата на крим-техника, со современа форензичка лабараторија, со што ќе се влијае на брзината на постапките. Граѓаните со право очекуваат, современи методи на постапување на полицијата, адекватни на оние во развиените земји – рече Спасовски.

Министерот Спасовски ја истакна и одличната соработка со медиумите и медиумските здруженија, а најави и продолжување со процесот на дигитализација на услугите што се пружаат на граѓаните, како и модернизација на базите на податоци.

– Ќе обезбедиме целосна функционалност на модерниот центар за податоци што се изгради во Прилеп. Еден од приоритетите е воведувањето нов концепт за сигурност во сообраќајот во урбаните центри, што подразбира јасна и ригорозна регулација на брзините во населените места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и врзување на казните на регистрацијата на автомобилот. Со тоа значително ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Ќе ги модернизираме граничните премини со инсталирање дигитални читачи на регистарски таблички – рече Спасовски.

Министерот најави и финализирање на концептот „Маалски полицаец“.

– Поголемото присуство на униформирани полицајци во местата каде функционира веќе даваат резултати и ни даваат поттик да продолжиме до целосна имплементација. Министерството за внатрешни работи навремено, правично, ефикасно и ефективно ќе одговара и ќе ги решава прашањата и постапките од граѓаните и правните лица. Отворени сме за граѓаните, стручната јавност, граѓанското општество за сите идеи кои можат да ни помогнат да го подобриме функционирањето – рече Спасовски.

Во изминативе денови МВР реализирало неколку акции за справување со криминалот, пред сè во справувањето со нелегалната трговија со наркотици и во наредниот период продолжува со акциите за справување со криминалот.