Конвенција за полициска соработка на земјите од ЈИЕ одигра значајна улога во подигањето на свеста за потребата и можностите кои ги нуди автоматската размена на податоци во земјите од нашиот регион, истакна меѓу другото министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на обраќањето на Конференцијата за безбедност и миграции – промоција на партнерството и отпорноста на земјите членки на ЕУ, како и земјите од западниот Балкан што денеска и утре се одржува во Виена.

Како што соопшти МВР, министерот Спасовски го поздравил денешното потпишување на Договорот за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила во рамки на Конвенцијата за полициска соработка помеѓу земјите од  Југоисточна Европа, таканаречениот „мини-Прум” за земјите од западниот Балкан и Молдавија.

Според него, пристапот до Европските бази на податоци во областа на фалсификувани документи и специмени ќе биде од непроценлива важност и за Македонија и за земјите членки на Европската унија.

Во однос на миграцијата, Спасовски потенцира дека Македонија може да се пофали за донесувањето на Законот за меѓународна и привремена заштита и Законот за странци. Тој во говорот во рамки на сесијата посветена на миграционите проблематики појасни дека при изготвувањето на овој Закон користени се сите домашни капацитети како и со поддршка од страна на Европската комисија преку TAIEX инструментот.

– Законот за странци е многу важен закон, се уредуваат условите за влез, излез, напуштање, престој, враќање на странци со незаконски престој, како и правата и должностите на странците во Република Македонија. Воедно, високо се оценети и напорите во борбата против трговијата со луѓе и воспоставувањето на посебна единица Task Force, за чие формирање користевме искуства од нашите пријатели од Република Србија, нагласи Спасовски.