Фото: Архива

Сигурен сум дека нарачателите имале подмолна намера, но присебноста на граѓаните не им дозволи да ја остварат, напиша премиерот Оливер Спасовски на социјалните мрежи, по повод пет години од „Диво насеље“.

– Два дена Куманово и целата земја, во страв и неизвесност, го исчекуваа епилогот од вооружената пресметка во која животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Слава им! – напиша Спасовски.

Тој настаните од пред пет години ги оцени како исклучително вознемирувачки и трагични.


Заев: Да не се заборави и да не се повтори „Диво Насеље“

Пред пет години на денешен ден улицата „Диво Насеље“ стана воена зона, напиша претседателот на СДСМ, Зоран Заев на социјалните мрежи, упатувајќи порака дека денот не треба да се заборави, ниту да се повтори.

„Престрелката ја уништи населбата, загинаа 8 припадници на полициските единици, 37 беа повредени. Душевната болка, чувствата, траумите низ коишто поминаа нашите сограѓани, додека се случуваа борбените дејствија никој не може да им ги надомести“, напиша Заев.