Децата од малите групни домови од „25 Мај“ и „11 Октомври“ денеска предновогодишно се дружеа со министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Мила Царовска, како и со претставници на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО). Децата имаа прилика да се запознаат и со работатата на единиците за специјални задачи, за брзо распоредување и за обука и поддршка, да ја видат нивната опремата и да ручаат заедно со полицајците во мензата во полицискиот центар „Ѓорче Петров“, а им беа презентирани и вештините на спуштање по јаже од хеликоптер од страна на претставници од Единицата за специјални задачи.

Притоа, децата од малите групни домови од „25 Мај“ и „11 Октомври“ добија и новогодишни подароци, обезбедени од донацијата од припадниците од трите единици на Одделот за специјални полициски операции. Донацијата се состои од прехранбени артикли и зимска облека, купена со средства собрани од припадниците на ОСПО.

– Овие празници се време за удобност, љубезност, за побогата трпеза и топлина, за допир на пријателска рака, за внимание кон оние за кои се грижиме. Тука сме со децата, заедно со дел од нашите полициски службеници, да им покажеме дека се важни за нас, дека можат да сметаат на нас во секое време – подвлече министерот Спасовски, Честитајќи им ги претстојните празници на децата од малите групни домови од „25 Мај“ и „11 Октомври“.

Министерката Царовска истакна дека сега кога немаме повеќе деца во институции, целта на оваа Влада е во наредниот период да бидат збогатени програмите за едукација, со што слободното време на децата од малите групни домови ќе биде посветено на учење занимања, вештини и социјализација.

– Најважно од сѐ вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи овие гласови се темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде ќе можат безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат – рече Царовска.

Со процесот на деинституционализација, Министерството за труд и социјална политика една година порано од планираното успеа да ги извади сите деца од институции. Досега, низ цела држава се отворени вкупно 22 групни домови, во коишто во атмосфера налик на семејната, живеат 180 деца. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да се грижи за секое дете и да ја јакне јавната свест за потребата, значењето и користа од процесот на деинституционализацијата.