На граничниот премин  Делчево-Лисичково денеска со делење на едукативен материјал „Остани чист, кажи и не на корупцијата“ се одржа превентивна активност за подигање на свеста на граѓаните за пријавување корупција.

На заедничката активност присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот бугарски колега Младен Маринов.

Станува збор за заедничка соработка на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР и Дирекцијата за внатрешна сигурност при МВР на Бугарија, во насока на интензивирање на билатералната и регионална соработка во областа на превенцијата и борбата против корупцијата.

– По септемвриската заедничка превентивна активност на граничниот премин Деве Баир-Ѓуешево, а фокусирана на подигање на свеста на граѓаните за пријавување на корупција со делење на едукативен материјал со информативна содржина за начинот на пријавување на корупцијата на патниците, еве денес повторно се најдовме заедно овојпат на граничниот премин Делчево-Лисичково, а со иста цел: да ја реафирмираме нужноста од лична одговорност и совесност кај граѓаните како брана против секакви коруптивни предизвици – рече министерот Спасовски.

Во склоп на акцијата, на полициските службеници им помагаат студенти во завршните години на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, кои го делат едукативниот материјал информирајќи ги патниците за начинот и можностите за пријавување корупција сторена од службени лица и во двете држави.

– Со Маринов констатиравме, меѓу другото, дека од заеднички интерес на полициските служби во двете земји е натамошно продолжување и интензивирање на соработката не само во ваквиот облик на партнерство, туку и во други домени од полициското работење, како од превентивен така и од оперативен аспект водени од нашата цврста определеност за зајакнување на капацитетите на службите во брбата против корупцијата и организираниот криминал. Конечно, тоа е наша должност и обврска кон сите наши граѓани – рече Спасовски.


Спасовски: Во моментов не е важно кој ќе ја предводи техничката влада

Во овој момент не е важно кој ќе ја предводи техничката влада, туку е важно она што до крајот на годината ќе се случува во однос на подобрувањето на животот на граѓаните, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на македонско-бугарскиот граничен премин Делчево – Лисичково.

– Во моментов не е многу голем интересот на граѓаните за тоа кој ќе ја предводи техничката влада, па рано е да се разговара на таа тема. За формирањето на техничката влада постојат рокови, по што ќе се донесат одлуки и ќе се изберат личности кои ќе ја предводат таа влада – рече министерот.

Спасовски дополни дека Министерството за внатрешни работи и Владата ќе продолжат со активностите, што значат реформирање на системот и подобрување на условите за живот на граѓаните.