Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на промоцијата на проектот „Усогласување на националните системи со ЕУ и шенгенските барања за гранично управување”.

Како што информираат од надлежното министерство, основна цел на овој проект е да придонесе за усогласување на националните системи со стандардите на ЕУ и Шенген во делот на интегрираното гранично управување, а во согласност со целите на националните и европските стратегии за пристапување.

Во своето обраќање Спасовски нагласи дека исполнувањето на европските стандарди претставува наша стратешка определба.

– Поглавјето 24 опфаќа повеќе области меѓу кои и областа надворешни граници, која според мое мислење, но и според искуствата на новите држави членки на ЕУ, е една од приоритетните области. Свесни за ова, Министерството за внатрешни работи во координација со соодветните институции на национално ниво во процесот на програмирање на ИПА 2016 и секако со поддршка на ЕК и Делегацијата на ЕУ го предложи овој проект и еве денес сме сведоци дека овој предлог и практично се реализира – посочи министерот.

Заблагодарувајќи се на континуираната помош и финансиската поддршка што ЕУ ја дава на нашата држава, Спасовски нагласи дека исполнувањето на т.н. шенгенски стандарди претставува сложен процес за кој ќе биде потребно долг период за негова реализација.

Од МВР појаснуваат дека проектот финансиран од Европската Унија почнал со реализација од почетокот на февруари годинава и ќе се спроведува во рок од 24 месеци во рамки на националната ИПА-програма, за што се издвоени еден милион евра.