Вечерва во 22 часот почна полицискиот час на територијата на целата држава и ќе трае до 5 часот наутро. Оваа мерка важи до 22 март, а се воведе поради зголемениот број заразени и хоспитализирани лица, како последица на коронавирусот.

Улиците се испразнија, иако и претходно немаше поголеми гужви, со оглед на тоа што кафулињата и рестораните беа веќе затворени, а дополнително за празните улици допринесе и ладното дождливо време.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изврши обиколка низ улиците во Скопје и се заблагодари на сите полициски службеници кои моментно се на терен.

– Знаеме дека ова е рестриктивна мерка, мерка која никој не ја посакува, но таа е неопходна ако сакаме да го прекинеме ланецот на ширењето на вирусот и мора сите да се придржуваме до неа – изјави Спасовски.

Тој апелираше до сите граѓани да ги почитуваат мерката за движење.

– За оние кои нема да ги почитуваат мерките ќе има санкции, и прекршочни и кривични, а јас очекувам како што започнавме оваа вечер, така ќе продолжиме и заеднички ќе допринесеме во наредните 14 дена да имаме намалување на бројот на заразени и стабилизација на состојбата – рече тој.

Одлуката за воведување полициски час на територијата на целата држава ја предложи Комисијата за заразни болести, а Владата ја усвои на вчерашната седница.

– Станува збор за неполни две седмици, односно 12 дена. Освен ова, се воведуваат ограничувања за задолжителен домашен 14 дневен карантин за лицата кои се враќаат од афричките држави и да се обезбеди карантин, односно објект за странци кои доаѓаат од афричкиот континент – соопшти вчера премиерот Заев.

Одлуката за забрана за движење нема да важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.

– За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат најмногу ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин. Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полициски при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна – стои во одлуката.

Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да ги извести граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана на движење.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и за оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на МВР.

За дополнителните исклучоци во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата, доколку има потреба, ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус ковид-19, во соработка со надлежните органи на државната управа.

– Ние стоиме целосно подготвени. Ќе има засилени контроли од МВР и од инспекциите, бидејќи очигледно граѓаните се опуштија, а самиот број на заразени граѓани ни алармира дека итно мора нешто да се преземе – изјави вчера Заев.