Увид во работите на изградбата на спомен-обележјето на гробното место на Тоше Проески, денеска направија премиерот, Оливер Спасовски, вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска и градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски кои воедно положија и свежо цвеќе во спомен куќата.

Премиерот Спасовски истакна дека Владата е определена да ги завршува работите што ги презема.

– Претходната владина гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ непотребно ја бирократизираше и ја оддолжи постапката за изградба на гробното спомен-обележје на Тоше, и залудно беа изгубени средствата предвидени за таа намена. Владата предводена од СДСМ, минатата година додели 10 милиони денари за да се реализира идејното решение, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше – потенцираше Спасовски.

Тој образложи дека сега се изведуваат завршните работи и наскоро првенствено неговото семејство, а потоа и неговите обожаватели ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува големата религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика.

– Многу скоро, до крајот на летото, овде на Гумење ќе биде достојно уредено и завршено неговото вечно почивалиште, кое никогаш не е без посетители. Сите тие го одржуваат споменот во негова чест, споменот на благородната душа која со своите постапки и со своите песни обележа цела една епоха од нашето културно и естрадно творештво, и беше амбасадорот на нашата земја и на неговото Крушево во светот – рече премиерот.

Тој истакна дека песните и споменот на Тоше денеска се дел од препознатливата иконографија за Крушево, полно со историски знаменитости и современи атракции, дека овде историјата се среќава со современоста преку природни убавини, преку светското првенство во параглајдерство и преку другите интернационални настани.