Насилнот екстремизам како глобален проблем, поврзан со релативно поновиот феномен – говорот на омраза, неговото интензивирање пред претстојниот референдум, како и решенијата на проблемот, беа тема на денешната дискусија меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставниците на граѓанската асоцијација „Цивил“ и националниот кооридинатор за борба против насилниот екстремизам Борче Петровски. 

– Разговаравме и за престојното граѓанско референдумско изјаснување и важноста за обезбедување на спокоен, цивилизиран амбиент, ослободен од секаков облик на закани или омраза, што би можеле да реперкуираат со последици по правото и слободаната волја на секој наш граѓанин при претстојното изјаснувањ – нагласи Спасовски.

Тој наведе дека тоа претставува уште еден доказ за нивната решеност заеднички со граѓаните да дејствуваат, како превентивно, така и на креирање на идеи, концепти и програми кои ќе доведат до пооптимални решенија за сите горливи проблеми во македонското општество.

Џабир Дерала, претседател на „Цивил“ истакна дека на говорот на омраза не смее да се возврати со говор на омраза во ниту еден случај, а уште помалку со насилство.

– Ние би сакале да истакнеме три препораки кои се навистина важни. Прво, мултидисциплинарниот приод кон насилниот екстремизам, како најдобро решение за борба против него.  Втората препорака е дека јакнањето на јавната свест и граѓанската едукација треба да стане дел од нашето секојдневие бидејќи во она што се нарекува говор на омраза може да се кријат потенцијали за навистина страотни настани, страотни инциденти кои можат да однесат човечки животи – потенцираше Дерала. 

Тој упати апел тоа да стане дел од секојдневието, почнувајќи од денеска. 

Побара граѓаните да се воздржат од говор на омраза, бидејќи тоа може да доведе до натамошни проблеми и опструкција на фундаменталното право, правото на глас. 

– Говорот на омразата и заканите против луѓето кои сакаат слободно да се изразат на референдумскиот процес се навистина сериозна опструкција на демократскиот процес, се кривично дело и се неприфатливи – рече Дерала. 

Тој го повика Основното јавно обвинителство да постапи во сите случаи во кои ќе се забележи говор на омраза, а особено за заплашување и насилство против ониe кои сакаат слободно да се изразат на референдумот, како што истакна, „за“ или „против“ не е важно. 

Спасовски и Дерала заклучија дека МВР и „Цивил“ имаат одлична соработка, што во иднина ќе се продлабочува.