Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на министерството, оствари работна средба со делегација на македонскиот полициски синдикат, предводена од претседателот Марјан Кицев.

На средбата, како што посочуваат од кабинетот на Спасовски, тој го информирал раководството на синдикатот за предлог буџетот на министерството за 2022 година и го потенцирал планираното зголемување на платите за 5% за вработените во министерството.

Го потенцирал и досегашното реновирање на 63 полициски објекти и планот следната година да се реновираат други полициски станици, како и почетокот на градба на ПС Аеродром, реконструкција на Центарот за обука во Идризово и реконструкција ан Одделот за граѓански работи.

При реконструкциите е посебно запазена и еколошката и штедлива компонента на користење на енергетски ефикасни материјали, така што веќе ниту еден објект на МВР од следната година нема да користи цврсти горива за затоплување, а генерирана е и заштеда само на електрична енергија од пет милиони денари.
Министерот Спасовски го информираше раководството на синдикатот за поделбата на новите униформи за повеќе оддели во МВР, како и за опремата (кондури, чизми, јакни и др.) која се очекува да стигне и да биде поделена до јануари 2022, објаснуваат надлежните.

Претседателот на македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев се заблагодари за соработката на министерството со синдикатот, посветеноста кон унапредување на работните, материјално техничките и оперативни услови за полициските службеници.

Министерот Спасовски и претседателот Кицев разговараа и за други теми важни за полициските службеници, како условите од колективниот договор и листата на плати, решавање на проблемот со дневниците на полициските службеници настанат од Законот за извршување на буџетот и се сложија за најбрзо можно решавање на овие тековни проблеми, е нагласено во соопштението.