Владата разгледува две можни решенија за надминување на пасошката криза, односно „Веридос“ што е можно побрзо да ги испорача обрасцирте за пасоши или да се продолжи важноста за што пречка е текстот на Законот за патни исправи, кој ја утврдува важноста на патните исправи.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека не е проблем да се закаже сединца на Влада за пасошите откако вчера техничкиот министер за внатрешни работи јавно го повика да свика седница на која ќе се бара решение на проблемот.

– Имаме две можни решенија, едното е во разговор со фирмата којашто е добавувач да го направи тоа што е можно побрзо и на начин на кој ќе може да придонесе целата оваа работа да се преброди во целиот овој период. Тоа мора да биде заедно проследено и со менаџирање на состојбите внатре за тоа да биде распоредено. Втората работа, воопшто не е проблем свикување седница на Влада, ние имавме седница и разговаравме. Проблемот е што Законот за патни исправи утврдува колку е важноста на патните исправи и секоја одлука на Владата не може да го промени законскоиот текст и тука е клучната анализа којашто ние ја правиме. Инаку, направени се консултации со клучните партнери и од овој процес очекувам дека ќе се изнајде некое решение коешто ќе помогне во целата оваа ситуација, меѓутоа менаџментот е број еден во целиот овој процес – рече премиерот Спасовски.

Претходно денеска МВР информираше дека седумдесет и седум барања за пасоши биле разгледани на првиот состанок на Комисијата во Министерството за внатрешни работи завчера, формирана од техничкиот министер Наќе Чулев, за решавање на проблемот со недостиг на обрасци за пасоши, а од нив треба да се одлучи кои ги исполнуваат критериумите за да бидат процесуирани по итна постапка.

Комисијата е едно од привремените решенија за менаџирање на останатите 4.900 обрасци за пасоши. Новата пратка од 100 илјади обрасци од „Веридос“ министерот Чулев ја најави за 24 март или десетина дена порано.

Тој предложи Владата да усвои методологија со која со печат и со испраќање нота до државите во светот ќе се пролонгира важењето на пасошите до моментот на пристигнување на нови патни исправи, а премиерот Спасовски побара Чулев предлогот официјално да го достави до Владата.