Фото: Маја Јаневска-Илиева

Почнува часот по физичко. Во салата, 31 ученик од второ одделение. Одделенската наставничка Тиљај Адеми ги реди децата во ред. Плеска со рацете и на нејзин знак во ритам, децата се распоредуваат во три групи едно зад друго. Теоретски им објаснува во што ќе се состои часот. Таа се грижи за дисциплината, а децата ја гледаат и ја слушаат. Предметниот наставник по физичко и здравствено образование Салко Зекир, е овде за практично да им објасни што ќе се работи. По вежбите за загревање и координација, наставничката ги распоредува во парови. Наставникот Салко ги зема и им ги дава топките. Ги учи како правилно да додадат и како да примат топка. Наедно, им демонстрира како правилно да паднат на подот – прво на колено, па на лакот, односно на страничниот дел од телото и на крајот, на рамото, за ударот да биде амортизиран. Децата вежбаа правилно паѓање. Ниедно не се плашеше да не се повреди.

Вака беше на часот по физичко образование во скопското основно училиште „Тефејуз“, на кој од почетокот на учебната година се изведува настава со тандем наставници. Одделенскиот наставник, бидејќи најдобро си ги познава своите ученици, се грижи за редот и дисциплината, а предметниот наставник стручно ги учи како правилно да ги изведуваат вежбите и ги коригира ако згрешат. Ова училиште е едно од петте училишта во главниот град, во кои се изведува ваков вид настава.

– Проектот во нашето училиште почна да се имплементира годинава. Многу е важно тоа што овој проект, прави децата да започнат од мали нозе сериозно со правилна и редовна физичка активност, да го засакаат спорот. Јас како наставник по физичко ги поставувам своите критериуми за настава на часот. Работам со вторачиња, самиот развој на детето го насочувам правилно. Заради употребата на таблети и други компјутерски уреди, дечињата имаат проблеми со искривувања на ’рбетот, но и исто така имаат и проблеми со видот. Ние не сме доктори, но сепак сме стручни, ги имаме запoзнаено сите деформитети што се јавуваат кај децата. Тие искривувања посебно доаѓаат до израз во периодот на пубертетот. Еве видовте, на крајот на часот децата задолжително се истегнуваат на рипстол, затоа што во кифозата, грбната мускулатура се опушта и таа треба да се зајакне – вели наставникот Зекир.

Неговиот колега Сетко Али е долгогодишен наставник по физичко образование. Тој смета дека ваквиот начин на функционирање на часовите по физичко образование е голема придобивка за самите деца и за нивните родители, но и за државата, која ќе создава здрави генерации.

– Самите вие сте биле ученици. Знаете дека во минатото се случувало одделенските наставници наместо да ве однесат на физичко во сала, да ви дадат да работите математика, ликовно или музичко. Прашање е и колкав е нивниот капацитет за да можат правилно да демонстрираат вежби со оглед на тоа дека немаат адекватно знаење по предметот, во онаа мера колку што го има наставникот по физичко. Затоа, и Факултетот за физичка култура, најмногу инсистира ова да се спроведе и во нижите одделенија, затоа што најголемите деформитети се појавуваат токму во таа возраст.

Знаете, денешните деца носат тешки ранци од по 10 килограми, а освен тоа, за појава на деформитетите влијаат неправилното седење и неправилното пишување. Затоа треба многу да се внимава. Нас веќе во шесто одделение ни доаѓаат деца со деформации на телото. Ние тогаш треба многу вежби со нив да работиме, како на пример, корективна гимнастика, корективно обликување, за да можеме некои од тие деформитети да ги отстраниме. Во овој процес ни се потребни помош и поддршка од родителите. Најголема придобивка од сето ова ќе имаат самите деца, родителите но и државата, зашто нејзина цел треба биде да имаме здрави деца. Секое училиште има околу 30 отсто ученици со деформитети. Ние сме најкомпетентни и можеме да го намалиме тој процент – смета наставникот Али.

Откако заврши часот по физичко образование, пред гардеробите се наредија дечиња од друго одделение, кои трпеливо во ред од по двајца, чекаа да им дојде наставничката, која требаше да им дозволи да влезат за да се подготват за часот. Екипата на „Нова Македонија“ имаше можност да види дека децата и кадарот во ова училиште се навистина пример за, пред сѐ, одлично домашно воспитување, дисциплина и правилен меѓусебен однос и почитување.

Проектот што се реализира по иницијатива од Факултетот за физичка култура, со поддршка на Бирото за развој на образованието, е поддржан од програмата „Еразмус плус“. Засега се реализира во пет училишта – „Круме Кепески“ во Кисела Вода, „Тефејуз“ во Чаир, „Ѓорче Петров“ во општината Ѓорче Петров, „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар и „Братство“ во Карпош. Идејата е овој начин на функционирање да се озакони и да се применува на територијата на целата држава, бидејќи во сите држави во кои наставата по физичко функционира на овој начин, значително е намален бројот на деца со искривен ’рбет, деца што имаат проблем со дебелина, но и мноштво други здравствени проблеми.

Проф д-р Ленче Величковска, деканката на Факултетот за физичка култура, за „Нова Македонија“ веќе изјави дека децата на возраст од седум до десет години се во еден специфичен развоен период, односно во овој период треба некој правилно да му демонстрира вежба на детето, за да знае да го повтори движењето.

– Ако нема демонстрација, детето не може да го разбере движењето. Затоа се потребни стручни кадри што на децата ќе им демонстрираат правилни движења, оти ако не научи правилно да ги прави, тоа е основа за создавање деформитети. Ако детето не оди правилно на прсти, тогаш ќе има деформитети во коленовиот зглоб. Тука се и сколиозата, кифозата, лордозата. Овој проект е оправдан и од психолошки и од моторички аспект. Координацијата, снаодливоста, агилноста, брзината мора да се зацврстуваат од најмали нозе – вели деканката.

Фото: Маја Јаневска-Илиева


Христов: Периодот од прво до петто одделение е клучен за правилен развој

Во периодот од прво до петто одделение, детето ги развива моторичките способности, смета Томислав Христов, кој е магистар по ракомет, еден од основачите на школите на „Металург“, како и тренер во ракометната школа што работи во училиштето „Љубен Лапе“.
– Во таа возраст, кај детето се развива духот за натпреварување и се спречува деформитет. Тогаш детето се запознава со спортските игри непосредно, а тоа е предуслов за правилно насочување, кое ќе има можност да го учи во рамките на редовната настава, преку добро осмислени програми. Преку штафетни игри од сите спортови се прави база, за потоа децата да преминат во врвниот спорт. Овој проект, кога би ги имало детето тие предзнаења, може многу да придонесе и за врвниот спорт, како и во процесот за спречување деформитети. Превентивата е многу поевтина одошто лекувањето последици. На овој начин би имале физички здрава младина, упатена во спортот, која ќе го сака спортувањето и која ќе продолжи да се занимава со спорт без оглед дали рекреативно или професионално – вели Христов.