Со Екуменската и меѓурелигиска средба и со средби со свештениците, нивните семејства и богопосветените во Католичката црква во Скопје, денеска попладне заврши апостолската посета на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, на Република Македонија.

Тој на младите им порача дека еден од најголемите проблеми на денешницата е изгубената можност за сонување.

– Кога некој не сонува, а особено тоа е млад човек, се исполнува со празнина, и безнадежност. Тоа е погрешен пат што треба да се избегнува. Секојдневните лични и општествени проблеми не треба да ве обесхрабруваат. Обидете се да мислите на вашите најголеми соништа – порача Папата на младите во Католичката црква во Скопје.

Папата ги повика младите да создаваат надеж за градење на свет во кој ќе се грижат еден за друг без разлика на нивната вера.

– Нашиот свет е многу поделен, бидејќи ние самите сме поделени, затоа е неопходно да се создаде поинаков свет, но за да се случи тоа мора младите да се вклучат. Треба да ги користите шансите, и да не се плашите дури и ако згрешите. Немојте да бидете живи мртовци, плашејќи се да преземате ризици. Дури и да згрешите, секогаш може да почнете одново. Ние како христијани, не треба да се одделуваме еден од друг, и треба да живееме со своите пријатели и соседи како апостоли – рече папата Франциск.

Како добар пример што сите треба да го следат, папата ја посочи Мајка Тереза. Папата Франциск на средбата со свештениците и нивните семејства, се заблагодари за можноста за оваа средба.

– Ви благодарам што ја овозможивте оваа средба. Благодарен сум за овој момент, во кој гледам дека Црквата дише со полн капацитет. Да се заблагодариме за оваа можност да дишеме подлабоко, како едно, и да ја почувствуваме добрината на Бога, истакна папата.

Папата Франциск денес одржа миса на плоштадот „Македонија“ во Скопје, на која упати пораки за мир, соживот, љубов кон Бога и кон луѓето. На мисата присуствуваа околу 15.000 граѓани.

Поглаварот на Римокатоличката црква на плоштадот дојде со „папамобилот“, а беше пречекан од мноштво собрани граѓани. Папата Франциск претходно имаше средби со државниот врв и со дипломатскиот кор во „Вила Водно“, а потоа во Спомен куќата на Мајка Тереза се сретна и со лидерите на верските заедници и група граѓани од ранливите категории. Папата посетата на Македонија ја почна изутрината. На аеродромот во Скопје тој официјално беше пречекан од страна на претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев.