Мила Царовска на Дигиталниот самит на Западен Балкан

После повеќе од година и половина период на пандемија, од денешна перспектива можам да кажам дека здравствената криза го забрза значително процесот на дигитализација на образованието и Македонија е горда на постигнатите резултати. Спроведуваме постепена трансформација не само во делот на онлајн наставата, туку и во дигитализирање на учебниците и на услугите во образованието. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан кој се одржува во Подгорица, Црна Гора, во рамки на Берлинскиот процес и Агендата за заеднички регионален пазар за Западен Балкан, а чија организација е поддржана од Регионалниот совет за соработка.

Јасно е дека дигитализацијата не е само тренд, туку огромна потреба. Држава која не вложува во овој процес, ризикува да остане години наназад во борбата и натпреварот за подобри услови за живот на граѓаните, во однос на останатите држави кои посветуваат внимание на овој сегмент – потенцираше Царовска, додавајќи дека процесот на дигитализација на образованието во Македонија уште повеќе ќе се интензивира првенствено во интерес на учениците и студентите.

Во своето обраќање на самитот, Царовска рече дека минатата учебна година имавме успешна настава со хибриден модел кој вклучи и онлајн настава што континуирано се надградуваше и се подигнуваше нејзиниот квалитет.

– На крајот од минатата учебна година сеопфатно истражување на УНИЦЕФ покажа исклучителен напредок и подигнување на задоволството кај сите учесници и засегнати страни во онлајн наставата. Според истражувањето на УНИЦЕФ, дури 98% од наставниците држеле интерактивна онлајн настава, додека 100% од учениците одговориле дека наставата е според планираниот распоред, а 80% од вкупниот број на родители/старатели на учениците изразиле задоволство од нејзиниот квалитет. Сепак, според министерката, онлајн наставата е само еден сегмент од процесот на дигитализација на образованието – истакна таа.

Царовска на самитот истакна дека процесот на дигитализација се води во партнерска соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и силна поддршка од МАСИТ.

– Во периодот додека трае пандемијата, дигитализирани се многу од услугите кои ги нуди Министерството за образование и наука, како аплицирањето за стипендии, за сместување во ученички и студентски домови, за нострификација на дипломи, за остварување на низа други права во областа на образованието, за уписи во прво одделение и слично – истакна Царовска.

Министерката посочи дека освен што се дигитализирани материјалите за учење, набавени се таблет уреди за учениците од четврто одделение кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, а училиштата каде недостасуваа, ги обезбедивме со интерактивни табли и друга неопходна опрема.

– Пред тоа, креиравме единствена национална платформа за далечинско учење – информираше Царовска, додавајќи дека иако на почетокот, реформата наиде на отпор кај дел од јавноста, сега веќе промените се широко прифатени, затоа што сите ја примија пораката за важноста и вредноста на дигитализацијата.

Оваа година Дигиталниот самит се фокусира на четири теми – дигитална економија, дигитални вештини и знаења, дигитална инфраструктура и поврзаност и доверливост и безбедност. Од учесниците се очекува размена на добри пракси, поттикнување развој и исполнување на дигиталната агенда, дефинирање на идните правци и истражување на можните партнерства со приватниот сектор во контекст на процесот на дигиталната трансформација.