Македонските владици очекуваат дека Вселенската патријаршија ќе остане доследна на најавите дека ќе ја преземе одговорноста за решавање на македонското црковно прашање. Меѓу нив владее оптимизам дека работите ќе се движат во посакуваниот правец

Надежи има, но не и конкретни поместувања на македонското црковно прашање. Вака накратко може да се опише состојбата во која се наоѓа Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), по најавите дека Вселенската патријаршија ќе го решава нејзиното црковно прашање. Ретко кој од владиците на МПЦ-ОА сака да ја коментира ваквата позиција и да дава прогнози што може да се очекува.
Дел од јавноста смета дека МПЦ треба да има проактивна улога и да бара почести средби со претставниците на Вселенската патријаршија, но и на преостанатите цркви, за да ги запознае лично со барањето испратено до патријархот Вартоломеј, но и со реалниот црковен живот на МПЦ. Преостанатите, пак, сметаат дека со самото испраќање на писмото до патријархот Вартоломеј, МПЦ покажала проактивност и дека сега сѐ е во негови раце.

Македонските владици очекуваат дека Вселенската патријаршија ќе остане доследна на најавите дека ќе ја преземе одговорноста за решавање на македонското црковно прашање. Меѓу нив владее оптимизам дека работите ќе се движат во посакуваниот правец. Нaјхрабри во изнесувањето на ставовите по ова прашање се владиците Петар и Тимотеј. Владиката Петар, одговорен за преспанско-пелагониската епархија при МПЦ, вели дека ако православните цркви се раководат според светите канони и според 17-то правило од четвртиот Вселенски собор, тогаш ќе се решат сите прашања за автокефалноста на помесните православни цркви.

– Сѐ додека во православието гледаме на прво место да ги ставиме националните интереси, да ги ставиме нашите државнички интереси и интересите што се под влијание на државните власти, не можеме да најдеме решение на тоа прашање. Јас од секогаш сум говорел дека нашето прашање не е црковно, туку е политичко прашање. На наша национална штета е решено нашето политичко прашање за името на нашата татковина и нација и сѐ што е македонско. Од таа гледна точка, повеќе никој не може да нѐ обвинува дека поради националистички побуди и цели сме ја возобновиле автокефалноста на МПЦ, зашто ние си имавме црква од памтивек – истакна митрополитот Петар.

Тој, сепак, смета дека ова прашање што поскоро ќе се надмине.
– Мудри се и вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх Кирил. Тие само треба да ги прифатат каноните онакви како што се, а сите црковни правници треба да се изборат за почитување на каноните и на практиката во православната екумена и прашањето на автономијата и на автокефалноста ќе биде решено за еден ден. Сѐ додека црквата потпаѓа под влијание на политиката, таа останува заробена во рамките на нејзините интереси – посочи г. Петар.

Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ, вчера истакна дека засега нема никакви најави за преземање какви било чекори во насока на официјални преговори со Вселенската патријаршија.
– Состојбата е јасна. Чекаме поместување од страна на Вселенската патријаршија. Но немаме најави за никакви преговори. Ниту имаме добиено писмо за преговори од Српската црква – објасни владиката Тимотеј.

Минатата година премиерот Зоран Заев за црковното прашање иницира постапка со која испрати писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалноста.
Инаку, МПЦ останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

[email protected]