Како што се ближат Велигденските празници ,така расте побарувачката на јагнешко месо, а граѓаните на Кичево и покрај желбата да купат и цело јагне, сепак повеќето од нив се определуваат да обезбедат или половина јагне или еден бут.

-Порано купувавме и цело јагне или ги добивавме преку синдикат од фирмата каде што работевме. Денес приходите не ни дозволуваат да купиме цело јагне, туку ќе се задоволиме со еден бут. Годинава сите продавници во градот се добро снабдени со јагнешко месо а цените варираат од еден до друг продажен објект и се движат од 280 денари најефтиното до 350 денари најскапото јагнешко за еден килограм. Така според нашите пресметки, за еден бут ќе треба да издвоиме најмногу 1 000 денари, што е во границите на нашите реални можности. Не би сакале да ја прекинеме традицијата за Велигден на маса да немаме јагнешко, единствена разлика е што ќе имаме помали количини од порано-рекоа Трајан Стојаноски и Перо Мицкоси пензионери од Кичево, кои ги сретнавме во една месарница во градот.

Како ретко кога порано продавниците во Кичево се одлично снабдени и нема продажен објект каде што нема доволни количества тазе јагнешко месо. Но и трговците потсетуваат дека граѓаните купуваат во толкави количини колку да се одбележи денот.

-Јагнешко месо деновиве имаме редовно на лагер а, побарувачката е во границите на претходните 4-5 години. Претежно граѓаните се определуваат да се снабдат со еден бут и тоа преден со ребро или заден со половина глава, ретко кој купува половина а да не зборуваме цело јагне. Цената за еден килограм јагнешко е 310 денари, што е во границите со цената од последните неколку години-рече Гоце, од една касапница во градот.

Има и трговии кои на граѓаните им  нудат можност најпрво да се запишат и да се определат колкава количина јагнешко сакаат да купат, за потоа пред Велигденските празници да им биде испорачана предвидената количина. Таа форма на продажба втора година по ред ја практикува еден голем трговски ланец со свој продажен објект и во Кичево.