Европски избори

Неполн месец пред европските избори во мај, новите проекции покажуваат дека антиевропските сили, најверојатно, ќе станат втора по големина група во новиот Европски парламент, без разлика дали Велика Британија ќе учествува на изборите. Истражувањето е спроведено од „Ју гов“ за политичкиот институт на Европскиот совет за надворешни односи (ЕКФР).
Истражувањето спроведено во март 2019 година, го проектираше веројатниот состав на Европскиот парламент по изборите, како и можните позиции на европарламентарците во партиските групи.

Според податоците собрани во 14 земји-членки, „големата коалиција“ меѓу централнодесничарската Европска народна партија (ЕПП) и Социјалистите (С / Д) ќе го изгуби мнозинството првпат, до 43 отсто.
Врз основа на претпоставки, во предвидениот Европски парламент, со Велика Британија (751) и без неа (705), ЕПП ќе остане најголема единствена група (182/189), по што следуваат Социјалдемократите – С/Д (140/123).

Но, во извештајот се разгледува и можноста антиевропските партии да формираат втора по големина коалиција во парламентот – со или без учество на Велика Британија – со три можни групи што се преклопуваат: левиот блок со 34 отсто, десниот блок со 32 отсто и блок составен од партии против ЕУ, со околу 35 отсто од местата.
Ова ќе ги стави либералите од АЛДЕ заедно со Републиканското движење (106/106) и / или зелените (61/52) во добитна позиција, во напорите да се формира можно мнозинство во парламентот.

Левичарската ГУЕ може да добие 55/56 места во соодветните сценарија. Од другата страна на спектарот стојат три десничарски групи ЕНФ (86/89), ЕКР (57/51) и ЕФДД(51/26), иако таа може да се разводни по брегзит, бидејќи нема да ги исполни критериумите да остане политичка група, зашто не успеа да има доволно национални партии.

Меѓутоа, она што зборува против овие проекции за коалиција на десниот блок помеѓу ЕПП-ЕЦР, е сепак фактот дека тоа би значело дека во неа би влегле многу национални владејачки и опозициски партии, кои особено во Источна Европа се силно спротивставени, одеднаш да се најдат заедно во квазиполитички сојуз на европско ниво.

Ова ќе биде случај не само со Полска (ПиС-ПO) и Унгарија (Фидес – КНДП), но исто така и во голем број земји од Западна Европа.
Унгарскиот премиер и лидер на партијата Фидес, Виктор Орбан, тврди дека останувањето во ЕПП ќе „обезбеди единство на конзервативните сили пред европските избори“, додавајќи дека дозволува „организирање силна кампања“ и „континуирана поддршка за г. Вебер како водечки кандидат“. Но, многумина се скептични во неговиот дискурс.

– Меѓутоа, во случај на силен пробив на екстремно десни антиимигрантски партии на изборите, Орбан може да одлучи да го извади Фидес надвор од ЕПП и да соработува со антиевропските сили – се вели во извештајот.
Во текот на истражувањето, неколку членови на ЕКР потврдиле дека ќе размислат за приклучување кон групацијата ПиС (Полска) и Фидес (Унгарија).

– Одговорот е многу едноставен, да. Особено, откако Орбан кажа дека ако биде исфрлен од ЕПП, првата група на која ќе ѝ се обрати е ЕКР и се обиде да ѝ се приклучи преку полската врска. Но, тоа останува да се види, дали сепак ќе биде исфрлен на крајот – изјавил за копретседавачот на ЕКР, Ришард Легутко.
Таквиот потег „би можел да ги поттикне страните што се најдалеку од десницата во ЕПП исто така да се отцепат од групата, откако одлучиле дека тоа веќе не е нивниот природен дом“, се вели во извештајот.
Во секој случај, веројатно левиот блок може да се покаже како маргинално поголем од десниот блок.

Сепак, се тврди дека со такво сценарио би можело да се ризикува поголемо влијание на антиевропските партии, (за кои дека ЕУ е нерасположена) поттикнувајќи ги силните прогнози за формирање нова брегзит-партија, со аргументот дека „Велика Британија сака да го напушти клубот и не ѝ беше дозволено да го стори тоа“.
Ова согледување е поддржано од паневропското истражување на ЕКФР/Ју гов, кое покажа дека три четвртини од Европејците веруваат дека нивниот национален систем или европскиот систем (или и двете) – е скршен.

Покрај тоа, извештајот на ЕКФР, исто така, ги разгледа позициите на членовите на парламентот во рамките на партиските групи во просек „маргинално повеќе десничарски и маргинално помалку позитивни за ЕУ“.
– Сѐ ќе зависи од коалициите што партиите од центарот ќе ги направат меѓу себе, и од тоа како тие работат за да го спречат формирањето антиевропски коалиции во новиот парламент – се наведува во извештајот и се сугерира дека проевропските партии „треба да размислуваат пошироко од традиционалните политички семејства“.
Во заклучокот на извештајот, се сугерира дека во секој случај променетиот политички пејзаж ќе ги принуди главните партии да се претстават себеси како симболи на промена на контрастните антиевропски партии што го бранат статус квото во Европа.

– Европскиот парламент кој е силно избалансиран меѓу антиевропејците и поделените проевропски сили, претставува реален ризик за парализа во центарот на ЕУ – вели Суси Денилсон, виша политичарка и директорка на програмата за европска моќ на ЕКФР, по презентацијата на извештајот.
– Оваа ситуација претставува вистинска премија за соработка надвор од традиционалните политички групи поставена на прашањата – како што се климата и градењето на ЕУ како глобален актер – во кои ќе можат да најдат заедничка основа за дејствување и каде што очајните гласачите ќе видат резултати на европски ниво – вели Денилсон.


Контроверзни моменти

Сексистички забелешки за време на седницата на Европскиот парламент, борење во зградите на парламентот, гневот на Жан-Клод Јункер и испрашувањето на Марк Закерберг. Ова се некои од позабележителните настани од мандатот на осмиот Европски парламент, што ги забележа ЕУЕАКТИВ.

Комесарот Кањете во центарот на вниманието
На 1 октомври 2014 година, парламентот беше блиску до блокирање на номинацијата на шпанскиот комесар за климатски дејства и енергија. Мигел Аријас Кањете мораше да се извини за своите сексистички забелешки и да го разјасни можниот конфликт на интереси со своето минато во нафтената индустрија. За да се расчисти ситуацијата, тој беше принуден да ги продаде акциите што ги имал во две нафтени компании. Неговата сопруга, синот и зетот сѐ уште се акционери, па дури и членови на двете компании.

Партиска расправија
На 6 октомври 2016 година, европратеникот Стивен Вулфе, тогашен фаворит за лидер на Партијата на независноста на Обединетото Кралство (УКИП), беше хоспитализиран во сериозна состојба во Стразбур, по расправија за време на партискиот состанок на маргините од пленарната седница во Европскиот парламент. Неговата слика, како лежи онесвестен на подот на парламентот, набргу стана вирална на интернет. Европратеникот дури и се онесвести во ходникот по жестока дискусија. Поранешниот лидер на УКИП, Најџел Фараџ, во тоа време рече дека „длабоко жали што се случи тоа“.

Сексистички испад
Во март 2017 година, полскиот европратеник Јануш Корвин-Мике, ја бранеше разликата во платите помеѓу мажите и жените за време на пленарната сесија. Тој го оправдуваше својот став, повикувајќи се на „инфериорноста“ на жените.
– Се разбира, жените мора да бидат платени помалку од мажите, бидејќи тие се послаби, помали и помалку интелигентни – рече тој. Полскиот европратеник беше санкциониран пред да поднесе оставка.

Црвени линии за брегзит
Парламентот на ЕУ во април 2017 година одлучи дека приоритетите во „договорот за развод“ со Велика Британија се правниот статус на Британците што живеат во ЕУ (и обратно) и новите надворешни граници со посебен третман за Северна Ирска, за да не се загрози мировниот процес. Во врска со ова прашање, говорот на шпанскиот европратеник Естебан Гонзалес Понс против популизмот стана вирален.

Збогум за основачите во ЕУ
На 1 јули 2017 година, светските лидери како што се израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, рускиот премиер Димитри Медведев и поранешниот американски претседател Бил Клинтон дојдоа во Стразбур за да му оддадат почит на поранешниот германски лидер Хелмут Кол. Клучен играч во европската интеграција, тој почина неколку дена пред Симон Веил, првиот претседател на Европскиот парламент и симбол на европскиот феминизам и антисемитизам.

Критиките на Јункер
Присуството на само 30 од 751 пратеник во Европскиот парламент за време на говорот на малтешкиот премиер Џозеф Мускат на 4 јули 2017 година го поттикна претседателот на комисијата Жан-Клод Јункер да го критикува Собранието, нарекувајќи го „смешно“, што предизвика кратка меѓуинституционална криза.
– Ако г. Мускат, премиерот на Малта, беше г-ѓа Меркел или г. Макрон, ќе имавме полна куќа. Собранието е сосема смешно – рече поранешниот премиер на друга мала земја, Луксембург.

Закерберг ѝ се извини на Европа
Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, се извини за време на неговото јавно сведочење – емитувано на интернет – пред претседателите на политичките групи на Европскиот парламент на 22 мај 2018 година. Тој веќе го стори тоа пред американскиот Сенат еден месец претходно, по масовното протекување на податоци во „Кембриџ аналитика“ и влијанието врз гласањето за брегзит.

Изјави за Мусолини
На 13 март 2019 година, претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, мораше да се извини за своите зборови во кои изјави дека не е лошо баш сè што направил италијанскиот диктатор Бенито Мусолини. Според него, тоа е недоразбирање.
– Отсекогаш сум бил убеден антифашист и нема да дозволам некој да сугерира поинаку. Фашистичката диктатура, расните закони и смртните случаи што ги предизвика, се најтемната страница во италијанската и европската историја – рече тој во својата одбрана на Твитер.


Како би се одразил новиот распоред на силите во ЕП
на македонските аспирации

Во име на евроатлантските аспирации на Македонија, последниве години во земјава се преземаа крупни политички процеси (пред сѐ Преспанскиот договор со Грција со кој во името на државата се додаде географска одредница), за кои се очекува да резултираат барем со добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа многу зависи од распоредот на силите во Европскиот парламент што ќе се создаде по изборите во мај. Всушност и брзањето за потпишувањето на Преспанскиот договор, македонската влада го аргументира токму со фаќањето на роковите пред менување на парламентарниот состав во ЕП, за кој се проценува дека нема да биде толку наклонет кон проширување на Унијата.

– Проширувањето одамна не е во фокусот на ЕУ и нејзините институции, па и на Европскиот парламент. Факт е дека се очекува губење на мнозинството на сегашната централнодесничарска коалиција и дека порадикалните партии (и од левицата и од десницата) ќе освојат повеќе места во парламентот, што претставува поместување, кое не им одговара на аспирациите на Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Но исто така е факт дека за добивање датум за почеток на преговори, на крајот одлучува Европскиот совет, односно во практика – премиерите на земјите-членки, така што парламентарниот состав нема големо влијание на таквата одлука. Се надевам дека потписниците на Преспанскиот договор од македонска страна добиле гаранции дека ќе биде наградена со датум за почеток на преговори, за жртвата што државата ја направи со промените што ги направи како обврска од договорот. Во спротивно, недобивањето на датумот ќе иницира голема политичка криза во Македонија – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Со слично согледување за влијанието на европските избори врз македонските аспирации за членство во ЕУ е и Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, кој смета дека евентуалното добивање датум за почеток на преговорите би било повеќе како награда со политичка одлука за Преспанскиот договор.
– Прогнозите за новиот состав на Европскиот парламент по изборите не претставуваат добра вест за Македонија, со оглед на тоа што се предвидуваат повеќе места за партиите што се против проширувањето на ЕУ. Сепак, на крајот за датумот се одлучува на европскиот самит, каде што одлуката ја носат земјите-членки. Во зависност од резултатите на европските избори, ако мнозинството го добијат оние антиевропски настроени сили, кои се против проширувањето, претставниците на земјите-членки (вообичаено премиерите) може да сметаат дека немаат легитимитет да се согласат за понатамошно проширување во овој миг. Освен тоа, тука се и земјите како Холандија и Франција, па и Данска и Белгија, кои се принципиелни и од земјите-аспиранти за членство бараат исполнување на критериумите и спроведување на реформите. Познато им е и на политичарите и на домашната јавност дека на тој план не е нешто многу направено во Македонија. Ако се случи да добиеме датум за почеток на преговорите во јуни, тоа би била награда за Преспанскиот договор, како политичка одлука. Но и за тоа постои голема резерва – вели Александар Кржаловски.

[email protected]