Во коритото на реката кај селото Латово, поставена е плутена брана на која се очекува, при повисок водостој, пластичната амбалажа од Кичевско и од Пласничко тука да го завршува својот пат. Плутената брана е монтирана на сајла, поставена е косо за да може амбалажата да се собира на браната, на едниот крај од коритото на реката

Во обид да се спречи сѐ поголемото загадување на реката Треска и на езерото Козјак, во општината Македонски Брод се реализира еколошкиот проект за заштита од пластичната амбалажа, која по течението на реката дотекува од кичевскиот и од пласничкиот регион. Плутената брана е поставена во коритото на реката Треска кај селото Латово и е со должина од околу 50 метри. Истата таа е донација на компанијата за откуп на пластична амбалажа „Пакомак“ и првпат е поставена на еден водотек во земјава.

– Во соработка на општината Македонски Брод, Министерството за животна средина и просторно планирање и компанијата за откуп и трговија со пластична амбалажа „Пакомак“, која е наедно донатор на оваа брана, во коритото на реката кај селото Латово, поставена е плутена брана на која очекуваме при повисок водостој на реката, пластичната амбалажа од Кичевско и од Пласничко тука да го завршува својот пат. Плутената брана е монтирана на сајла, поставена е косо за да може амбалажата да се собира на браната, на едниот крај од коритото на реката. Се надеваме во блиска иднина овој проект да ги даде очекуваните резултати и поголемиот дел од амбалажата да биде собрана на оваа брана, што ќе придонесе за помало загадување на понатамошниот тек од реката и секако на езерото Козјак, кое во досегашниот период и, при повисок водостој, беше главното собиралиште на пластичниот отпад од регионот. Токму пластичниот отпад во голема мера придонесуваше за сѐ поголемото загадување на водите во езерото, во кое виреат повеќе видови слатководни риби и стана главен риболовен ревир за риболовците од главниот град и од регионот – рече Горан Трајаноски, директор на комуналното претпријатие од Македонски Брод.

Иницијативата за поставување на оваа брана за што помало загадување на реката и на езерото Козјак, произлезе од риболовното друштво од Македонски Брод. Во неколку наврати езерото беше чистено од пластичниот отпад, кој и понатаму продолжуваше да се таложи во езерото, кое го полнат водите од Треска и од нејзините притоки.
– Ако овој пилот-проект ги даде очекуваните резултати, ќе може да се примени и на други водотеци во земјава – додаде Трајаноски.