Грантот од 260.000 евра, кој деновиве му беше доделен на националниот парк „Пелистер“, е само еден од осумте грантови што беа доделени за големите заштитени подрачја, во износ од четири милиони евра

Доволна беше само една кратка прошетка низ патеките на Пелистер за претставничката на УНДП, Луиза Винтон, и амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, да ги почувствуваат и да ги доживеат сите убавини на оваа планина. Чистиот воздух, кој во овие жешки и топли јунски денови ги полни градите и мирисот на моликовите дрвја беа доволни за тие да го констатираат тоа што сите, кои макар еднаш биле на Пелистер, го знаат.
– Битола и Македонија располагаат со огромно природно богатство, чудесна природа, места што се вистински бисери. Пелистер е прекрасен. Ваква убавина ретко се наоѓа, но, за жал, грижата и заштитата на овие природни убавини се само на хартија – истакна Винтон, по краткиот престој на Пелистер.
И навистина господ ја благослови Битола дарувајќи ѝ го прекрасниот Пелистер, кој со моликата и со воздухот што го испуштаат овие дрвја ги воодушевува не само битолчани, туку и сите што барем еднаш стапнале на Пелистер. Сепак, освен тоа што го дарувала природата, на Пелистер речиси со децении не е направено ништо, не само за привлекување на љубителите на планината и туристите, туку и за заштита на планината.

Колкава е (не)грижата за Пелистер најдобро потврдува тоа што и пет години од пожарот сѐ уште не е саниран планинарскиот дом „Копанки“, а детското одморалиште „Пелистер“, кое во летните и во зимските месеци вриеше од деца, кои од сите краишта доаѓаа на летување, или зимување е заклучено и не работи.
Токму затоа грантот од Европската Унија од 260.000 евра, кои деновиве му беше доделен на националниот парк „Пелистер“, во голема мера ги израдува не само љубителите на планината во Битола, туку и сите битолчани, кои повремено го посетуваат националниот парк.
Тоа е само еден од осумте грантови што беа доделени за големите заштитени подрачја, во износ од четири милиони евра. На промоцијата на грантовите беше истакнато дека проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА2, а ќе се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар, во изјавата за медиумите, нагласи дека вложувањето во заштитата на природата е инвестиција за во иднината.
– Веруваме дека овој проект, чија вкупна вредност изнесува четири милиони евра, ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата во заштитените подрачја, истовремено подобрувајќи им ги и животите на луѓето. Европската Унија продолжува да ѝ помага на земјата во градењето подобра иднина за нејзините граѓани – рече Жбогар.

Што се однесува да средствата за националниот парк „Пелистер“, тие ќе бидат искористени за набавка на едно теренско противпожарно возило за гаснење пожари, алат и дополнителна опрема за заштита од пожари, набавка на дрон, преку кој ќе се следи состојба на целиот простор, за заштита на живеалиштата на животните, како и за изградба на 50 велосипедски патеки и 12 патеки за љубителите на планината.
Како и средствата што ги доби националниот парк „Пелистер“, така и другите седум гранта што ги добија другите заштитени подрачја во Македонија, ќе бидат употребени строго наменски, не само за заштита на заштитените зони, туку и за промоција на овие природни убавини за туристите.
– Во вашата земја постои една голема мрежа на заштитени зони, но таа заштита засега е само на хартија, а целта е тоа да се трансформира од теорија во практика, што значи заштита на животната средина за идните генерации. Тука сме за да покажеме дека заштитата на животната средина и економскиот развој не се контрадикторни цели, туку тие одат рака под рака – објасни претставничката на УНДП, Винтон.
Очекувањата од овој проект се големи.
– Очекуваме овој проект да помогне во препознавање на социјалните и на економските придобивки што произлегуваат од заштитата и одржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и на граѓанските организации за управување и за промовирање на заштитените подрачја на професионален и на одржлив начин – истакна министерот за екологија Садула Дураки.