Со најновите измени на Законот за здравствената заштита се менуваат условите за работа на докторите и се елиминираат пречките за кои фелата со години алармира, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој информира дека се скратува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од претходно кога докторот беше обврзан во установата да работи двојно повеќе од времето поминато на специјализација, сега е предвидено да одработи во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата. Исто така, намалена е и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.

– Важна измена е дека кадарот што е во пензија порано немаше можност да дава консултативни прегледи во своето место на живеење. Со измените се оттргнува ова ограничување. На здравствените работници со високо образование, кои се корисници на пензија, им се овозможува да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници независно од местото на живеење – информира министерот.

Исто така, здравствените работници со високо образование од областа на медицината, кои завршиле стаж на специјализација и положиле специјалистички испит или завршиле стаж на специјализација до денот на влегувањето во сила на измените, имаат право да се запишат на супспецијализација и да го спроведат супспецијалистичкиот стаж во согласност со плановите и програмите за супспецијализација на здравствените работници со високо образование од областа на медицината, како и да го полагаат супспецијалистичкиот испитв во согласност со прописите според кои го завршиле стажот на специјализацијата.

– Многу важна измена за пациентите е дека досегашното наплатување услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно. Зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник. На овој начин ќе се овозможи избор на доктор со многу помали давачки за пациентите – рече Филипче.

Во услови на недостиг од кадар во јавни здравствени установи се дава можност кадар од друга јавна здравствена установа да оди и да им дава услуги на пациентите во ЈЗУ во општината во која живеат пациентите за да не одат на друго место да користат здравствена заштита и услуга. Со оваа одлука, рече министерот, услугата ја правиме достапна до пациентите.

Со најновите измени на Законот за здравствената заштита се овозможува здравствениот работник, односно соработник што е именуван за директор, да може да ја врши и понатаму својата дејност со работа со дежурства за што има право на соодветен надоместок. Целта е кадрите со големо искуство да може во целост да ги искористат своите капацитети за давање здравствена заштита.

Исто така, се бришат одредбите од Законот за здравствената заштита што се однесуваат на полагањето испит за директор на здравствена установа од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор.