Генералното собрание на Сојузот на средношколци донесе одлука да го прифати решението за државната матура, но под неколку услови.

Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени.

Сојузот смета дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти и ги задоволува нивните два клучни принципи: квалитетот на образованието и интересот на учениците. Велат дека поправедната распределба на поените значи дека и доколку еден ученик се здобие со послаба оценка на еден испит, таа оценка нема да влијае значително на бројот на поени.

Сепак, Сојузот нагласи дека ѝ испратил на Владата, дополнително, три услови за нивно прифаќање на решението.

Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот.

– Во оваа група треба да учествуваат претставници на Сојузот (ученици), наставници номирани од наша страна и претставници на ДИЦ. Со групата би претседавал претставник од Канцеларијата на премиерот. Планираме групата да работи до средината на март, а таа за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити. Со ова ние се осигуруваме дека ученичкиот глас ќе биде застапен во кратењето на програмите за испитите и дека тие промени навистина ќе се случат – појаснуваат од Сојузот.

Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку 3 недели пред денот на испитот. Под испитни материјали подразбираат: формат на испитот, конректни содржини покриени на истиот и банките на прашања за истиот. Овој чекор, смета Сојузот на средношколци, ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити.

Нивниот трет и последен услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот.

– Сегашниот модел доделува најмногу 5 поени за несоодветен есктерен испит. Ние бараме бројот на поени да се зголеми на 7. Со ова ги штитиме матурантите кои стравуваат дека нивниот соодветен екстерен испит ќе се претвори во интерен, па тие би изгубиле на поени. Нашето барање ја елиминира оваа појава – се додава во соопштението на Сојузот на средношколци.

Оттука заклучуваат дека и покрај постигнатото заедничко решение, нивната борба ќе продолжи сè додека не го имплементираат целосното решение како и нивните услови за прифаќање на истото. Сојузот ќе ја следи ситуацијата со државната матура до крајот на оваа учебна година.