Преглед и анализа на актуелната општествено политичката, економска и меѓународно-безбедносна состојба во сите поранешни советски републики од нивното отцепување од некогашниот СССР до денес, дава книгата „Постсоветски меридијани“ на авторот Драган Јањатов, која беше промовирана денеска пред бројни гости во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи, во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје. Четвртото публицистичко дело на Јањатов, а негово вкупно петто, претставува вреден материјал за македонската дипломатија, како што беше истакнато на промоцијата.  

– Во „Постсоветски меридијани“ се забележува дека Јањатов го користи богатото искуство и знаење од неговата дипломатска служба, покажувајќи почит кон земјите во кои работел. Книгата дава информативен осврт на најважните прашања кои се предмет на дискусија, во која се раѓа вистината. Таа дава балансирани оценки за надворешните односи на поранешниот Советски Сојуз, како и на Русија. Книгата посветува и внимание на ликот и делото на Владимир Путин. Таа претставува обид за историска синтеза на положбата на Русија во Европа низ годините. Убеден сум дека книгата ќе биде барана од пошироката јавност и од сите оние кои се интересираат за надворешната политика на Русија, а ќе придонесе и за разбирање на нашата надворешна политика – истакна амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, во неговото обраќање пред присутните.

Авторот Јањатов се надева дека неговото дело ќе разбуди желба за дијалог, со претставување на погледот на нештата на кои бил сведок.

– Книгата претставува дневно-политичко опсервирање на нештата на местото каде што бев сведок. Таа немаше да биде остварена без соработка на руската амбасада и на нејзиниот персонал. Се надевам дека „Постсоветски меридијани“ ќе разбуди желба за дијалог. Горд сум што овие 30 години влегуваат во 50-годишната работа на македонската дипломатска служба. Македонските дипломати вршеа сложена и одговорна работа во југословенската дипломатија, во најголемите светски центри. Ние имавме од кого да учиме. Корените се длабоки и ќе го дадат својот резултат во ситуација кога нашата дипломатија треба да продолжи по врвиците по кои што одевме – кажа Јањатов, заблагодарувајќи се на членовите на неговото семејство, како и на сите што придонесоа за објавување на книгата.

Книгата ја промовираа професорот д-р Иван Додовски, декан на универзитетот Американ колеџ во Скопје и амбасадорот Никола Тодорчевски, член на Дипломатскиот клуб, а модератор на промоцијата беше амбасадорот Виктор Габер. Издавач на книгата „Постсоветски меридијани“ е куќата „Дијалог“ од Скопје. М.Ж.