Постои исклучително висока перцепција за широко распространета корупција во сите институции во земјава, а перцепцијата за постоење корупција во полицијата е присутна кај околу 65 проценти од анкетираните, кои сметаат дека таа е распространета до највисоко ниво. Во однос на резултатите за одделните делови на полицијата, сообраќајната полиција се смета за најкорумпирана, по што следуваат најблиските соработници на министерот и на граничната полиција.

Ова се некои од резултатите од септемвриската анкета за јавното мислење за полицијата спроведена од страна на агенцијата „Ипсос“, со 1.028 граѓани, а во рамките на проектот „Пулсот за полициски интегритет и доверба на Западен Балкан“.

Во однос на перцепциите за корупција, Магдалена Лембовска, истражувачка за безбедносни прашања во „Аналитика тинк-тенк“ – Скопје, нагласи дека постои исклучително висока перцепција за широко распространета корупција во сите институции. Перцепцијата за постоење корупција во полицијата, како што информира, е околу 65 проценти од анкетираните, кои сметаат дека таа е распространета до највисоко ниво. Ако се анализираат резултатите за одделните делови на полицијата, сообраќајната полиција се смета за најкорумпирана, по која следуваат најблиските соработници на министерот и на граничната полиција. Најголемиот проблем, според перцепцијата на граѓаните, посочи, е политизацијата. Лембовска истакна дека е висок процентот на граѓани, кои сметаат дека политиката игра важна улога во функционирањето на полицијата и тоа од практиките за вработувањето, но и за директно влијание врз оперативната работа на полицијата. Според неа, граѓаните очекуваат во наредните пет години борбата против корупцијата во полицијата да биде подобра отколку сега. Во согласност со анкетата, перцепцијата за високо ниво на корупција е највисока за судството со 68 проценти од испитаниците, по кое следуваат здравството, царината, обвинителството…

– Многу е важно реформата во полицијата да почне однатре. Да не се работи само на козметички и законски измени, но и да се види што се случувало низ годините во рамките на полицијата и дали можеби треба да има одредени преструктурирања и во однос на организациски единици и во однос на раководни лица – изјави Лембовска.
Таа додаде, оти во согласност со резултатите на истражувањето, граѓаните претпочитаат порепресивни мерки за борба против корупцијата, како што се спроведување строги казни и повеќе казни за корумпирани инспектори во полицијата
На прашањето колку се чувствуваат безбедни, околу 37 проценти од граѓаните одговориле дека се чувствуваат безбедно, а другите се поделени меѓу оние што не се чувствуваат безбедно и оние што не се чувствуваат ниту безбедно, ниту небезбедно.

– Еден од поразителните резултати е тоа што граѓаните не веруваат дека можат да се потпрат на некого кога станува збор за осигурување на нивната и на безбедноста на нивното семејство. Една четвртина рекле дека не веруваат никому, а околу 40 проценти се изјасниле дека првенствено се потпираат на самите себе – оцени Лембовска.

Резултатите од анкетата покажуваат дека граѓаните се поделени и во перцепцијата за полицијата во однос на нејзината работа. Само една четвртина сметаат дека полицијата работи како сервис на граѓаните, додека другите полицијата ја гледаат како средство за заштита на интересите на разни групи – Владата, политичките партии или луѓето во највисокиот ранг на полицијата. П.Р.