Министер за здравство, министер за информатичко општество и администрација и министер за дијаспората, добива Алтернатива со влегување во Владата, соопшти премиерот во оставка, Зоран Заев. Тој додаде дека од Алтернатива ќе има и три заменици министри во Министерството за култура, во Министерството за образование и наука, а и во трет ресор кој треба да се прецизира дополнително, иако разговарале тоа да биде за Министерството за земјоделството.
Кадар на Алтернатива ќе ги води и МЕПСО, Фонд за пензиско и здравствено осигурување, Агенција за странски инвестиции, Железници – Транспорт, Тетовска болница и други.

-Новите министри и новата влада нема да дојдат со мене како премиер. Ќе дојдат со друг премиер – рече Заев.

Гаши кажа дека неговите кадри поставени на овие функции, ќе направат се за енергетската криза да заврши, Алтернатива би била среќна ако Македонија добие датум за преговори со ЕУ.

„Имаме стабилно парламентарно мнозинство“

Заев појасни дека се воделе од императивот за стабилно парламентарно мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието.

– Ефикасноста на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби, да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на владата во спроведувањето на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните – рече Заев.

Новото мнозинство, истакна, е одговор на барањата и потребите на граѓаните за стабилност.

– Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е исклучително важно во време на сериозни предизвици дома и на глобален план – рече Заев.

Инаку, договорено е и Владата да ги мобилизира сите капацитети на државата и општеството за отворање на преговорите со ЕУ, успешно комплетирање на сите поглавја и полноправно членство во ЕУ како стратешка цел, во најкус можен временски рок.
– Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво насеље, Малиот Алмир – беше кажано на прес-конференцијата.
Владата ќе усвои и нов Закон за рамноправен регионален развој и ќе работи на отстранување на сите пречки за да овозможи развој и на Липковскиот регион со цел овој регион да стане рамноправен и еднаков со сите други региони во државата во однос на развојните компоненти.

Што содржи договорот Заев-Гаши?

Согласно договорот, Владата ќе развива и имплементира политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот.
Ќе се направи и анализа на вкупните закони и политики во однос на борбата против криминалот и корупцијата и истите ќе ги унапредува во насока на поефикасно спроведување.
Ќе се редефинира и Законот за извршители водејќи се пред се од барањата на граѓаните, со цел да биде во поголема функција на нивните интереси, а потоа и на интересите на институциите.

Владата ќе иницира процес на градење Национална стратегија за развој и подигнување на квалитетот во образованието, во кој ќе настојува да учествуваат сите чинители од образовниот процес, како и политичките партии, граѓанските организации и меѓународни институции, а во меѓувреме Владата ќе испрати и официјален повик до меѓународните институции за евалуација на домашните високообразовни институции.

Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.

Владата ќе работи и на зголемување на квалитетот, ефикасноста и експедитивноста на испораката на услуги кон граѓаните и на реализацијата на проекти на сите нивоа, преку зголемување на нивото на одговорност кое носителите на јавни функции и државните службеници го преземаат пред граѓаните.