СОНК бара Министерството за образование и наука да ја преиспита одлуката за настава со физичко присуство, односно да им овозможи на наставниците кои се од ризичните групи граѓани да ја изведуваат наставата од дома.

– Хронично болни наставници секојдневно до работа патуваат со автобус и се изложени на огромна опасност од заразување, особено постарите наставници – вели Јаким Неделков од СОНК.

Синдикатот бара од директорите по барање на наставниците да им дозволат да работат од дома и во октомвриската плата која треба да ја добијат на почетокот на ноември, да бидат пресметани дополнителните часови.

– Сите паралелки кои бројат над 20 ученици, мора да се поделат на две групи, што значи удвојување на работата на наставниците. Бараме од директорите оваа дополнителна работа да ја пресметаат и да ја стават во вид на додаток на плата, поради прекувремената работа – вели Јаким Неделков од СОНК.

Тој тврди дека постои таков основ во Законот за работни односи и општиот колективен договор.

– Од терен имаме информации дека одредени директори не сакаат да го спроведат Законот и колективниот договор, тврдат дека немало зголемен обем на работа, други општини и училишта велат дека немаат пари, а трети дека ќе дале слободни денови како надомест за зголемената работа. Се ова е неприфатливо за нас и бараме да им се исплатата додатоци на плата на овие вработени – вели Неделков.

Тој им препорача на наставниците кои имаат зголемен обем на работа да се обратат до директорот преку архивата и да ги побараат своите права, а доколку добијат негативен одговор ќе следува обжалување до училишниот одбор, а потоа и тужба.