Создаваме среќни и самоуверени деца

КЛАУДИА ЕХМЕР ВОРГИЌ, ОСНОВАЧКА НА „БРАИНОБРАИН“ – МАКЕДОНИЈА И КООРДИНАТОРКА НА ПРОГРАМАТА ЗА ЕВРОПА

Браинобраин-програмата му помага на детето да стекне социоемоционална зрелост, а самодовербата и способноста да се реализираат поставените цели е една од појаките страни на нашата академија, вели Клаудиа Ехмер Воргиќ

Илјадници деца поминале низ програмата на детската академија „Браинобраин“ во изминативе осум години, од основањето на „Браинобраин“ – Македонија до денес. Оваа програма за развој на интелектуални и животни вештини кај децата, основана во Индија во 2003 година, присутна во 38 земји со повеќе од 950 франшизери, во нашата земја пристигна благодарение на Клаудиа Ехмер Воргиќ, прва мастер-франшизерка и координаторка на програмата за цела Европа. Нејзина заслуга е отворањето браинобраин-центри во уште десетина европски земји, меѓу кои и Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Австрија, Чешка, Бугарија, Србија, Словенија, Унгарија… На вчерашниот 6-ти Национален абакус-натпревар, кој се одржа во СЦ „Борис Трајковски“, ѝ беше доделено признание за животно дело од страна на Индиецот Ананд Субраманиам, еден од основачите на „Браинобраин“.

Поминаа цели 8 години откако го основавте првиот браинобраин-центар во Македонија. Како „Браинобраин“ го промени вашиот живот?
– Ми го промени секако на подобро. Креативноста, која беше во многу сегменти потисната, дојде до израз, прво преку самодоверба, а потоа придонесе во секојдневниот живот да можам полесно да ги реализирам целите што ќе ги поставам. Стекнав и едно големо искуство за тоа како треба да се води интернационален проект, кој има голема вредност и им ги менува животите на децата како прво, а со тоа и на семејствата како основни и најбитни клетки на едно општество. Македонија е првата земја во регионот во која почнува да се реализира мојот сон. Особено се гордеам со тоа. Посебно место во таа убава приказна заземаат пожртвуваните родители што ја препознаа вредноста на програмата и вложија голем труд за да им ја овозможат на своите деца.

Зад себе имате голем број успешни приказни. „Браинобраин“ ги менува животите и на децата што ги посетуваат часовите, а со тоа и на нивните семејства. Може ли да ни посочите некој од многуте позитивни примери?
– Ќе почнам од своето семејство. Имам два сина, кои се извонредни ученици. Едниот е ученик во основно училиште, а другиот е на факултет. И двајцата ги посетуваа часовите на „Браинобраин“. Комуникативноста им е на завидно ниво, концентрацијата исто, многу лесно го совладуваат школскиот материјал. За време на нивното школување, моето присуство во училиштето беше сведено на минимум, бидејќи немаше воопшто потреба да решаваме какви било проблеми со кои се соочуваат многу родители и нивните деца. Како родител можам да го изнесам своето искуство, но како раководител на програмата е многу тешко да издвојам каква било приказна бидејќи сите деца на свој начин се богатството и срцето на „Браинобраин“. Тоа прашање најдобро може да го одговори секој родител, кој е сведок на промените кај своето дете.

Клаудиа Ехмер Воргиќ вчера доби признание за животно дело во рамките на детската академија „Браинобраин“

„Браинобраин“ со своите методи, меѓу другото, цели кон целосен развој на мозокот на детето. Што поточно значи тоа „целосен развој на мозокот“? И како, во тој поглед, се разликува браинобраин-програмата од стандардните образовни методи?
– Браинобраин-абакус ментална аритметика е програма што по пат на стимулација на врвовите на прстите, каде што се наоѓаат нервните завршетоци, со помош на абакусот и симболични математички задачи прави синапси меѓу левата и десната хемисфера на мозокот. Со помош на магични зборови што ја следат секоја активност во работата, се постигнуваат активно слушање, поголема концентрација и фокус. Се развива брзината на процесирањето на информациите, како и можноста неколку активности да се извршуваат паралелно т.н. мултитаскинг. Нашите деца на натпреварите имаат цел да решат завиден број задачи во само три минути. Да не ја занемарам и точноста, која е нуспродукт на самата програма. Самодовербата како и реализацијата на поставените цели е една од појаките страни на нашата академија. Би сакала да споменам дека во 2017 година спроведовме истражување, кое го водеа проф. д-р Виолета Арнаудова и проф. д-р Ана Фрицханд од Институтот за психологија, на кои навистина сакам да им се заблагодарам, како и на сите што учествуваа во неговата реализација, вклучувајќи ги и моите соработници, родители, а најмногу на децата. Во оваа истражување учествуваа 530 родители и 265 деца што ја посетуваат браинобраин-програмата. Процената за сите димензии на социјалното разбирање на децата направена од страна на нивните родители е натпросечна.

Еден од методите што ги користи браинобраин-програмата е процесот на визуализација? Зошто е важен тој процес за развојот на детето?
– Визуализација е само еден од методите што се користат во програмата, со чија помош многу полесно се прават ментални мапи. Таа има моќ да ги отвори димензиите на креативноста и да поттикне снаоѓање во околината што ги опкружува децата. Поконкретно, ние користиме ВАК-техника на учење, а тоа значи визуелен, аудитивен и кинестетички начин на разбирање и решавање на проблемите. Тоа има посебно значење во развојот на креативноста на една личност. Ако можеш да го замислиш, можеш и да го реализираш.

Честопати се посочува дека денешните деца имаат проблем со концентрацијата и исто толку често може да се слушне или да се прочита дека како виновници се посочуваат таблетите, мобилните, компјутерите. Во еден ваш напис велите дека не треба да им се забрануваат овие уреди на децата бидејќи на тој начин побрзо ги совладуваат читањето и пишувањето и учат преку игра. Според вас, на што се должи тој „генерален“ проблем со концентрацијата и како се надминува со браинобраин-методите?
– Не е проблемот во технологијата туку во начинот на нејзиното користење. Ако младиот мозок е изложен на преголем број информации, доаѓа до пад на концентрацијата, која кај децата и онака е слаба, доведува до конфузија и неможност да се сортираат примените информации. На детскиот мозок му е потребен одмор. Ограничувањето и контролата од страна на родителот се нужни. Согледувањето на постојните проблеми е многу индивидуално и, според мене, не постои универзално решение. Тоа и онака е предизвик за модерното родителство. Од друга страна, предноста на користењето технологија е што децата навистина низ игра учат најлесно и тоа останува како трајна вредност во нивниот живот. Затоа е многу битно да се внимава на содржината на информациите или игрите што ги користат децата. Ние во „Браинобраин“ користиме техника на посебни движења на прстите, каде што се користат палецот и показалецот. Движењето на палецот е многу битно зашто тоа е една од разликите меѓу човекот и животните чиј палец е фиксен. Кај нас, луѓето, е флексибилен. Тој има голема улога во развивањето на мисловниот процес, во фината моторика, во процесот на визуализација. Тука ќе ја споменам и важноста на користењето молив или пенкало, кои постојано се преместуваат од една во друга позиција при работењето со абакусот.

Како се манифестираат, како ги забележувате промените што се случуваат кај децата што ги посетуваат часовите?
Според студијата што ја споменав, браинобраин-програмата му помага на детето да стекне социоемоционална зрелост, а резултатите се среќно и самоуверено дете, способно да најде и да задржи пријатели, успешно во училиште, способно да избере добар правец и да следи корисни правила, способно да се справува со стресни ситуации и способно да ги изрази своите потреби. Вредноста и придобивките од браинобраин-програмата во многу сегменти се навидум немерливи, а не можеме да занемариме дека постојат. На крајот, ќе нагласам, љубовта кон децата е основниот двигател што ме мотивира и ме чини неизмерно среќна што имам можност да ја работам оваа работа. Децата се нашето најголемо богатство и благослов.