Реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи, поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ)

Искрено да се почитуваме, да го шириме добриот збор и заемно да си помагаме. Само така ќе им дадеме пример на младите и ќе сториме нешто што ќе влијае позитивно на иднината на оваа земја, која сите треба да ја чувствуваме за сопствена. Ова е пораката што во пресрет на големиот празник на муслиманите Рамазан-бајрам ја пренесува првиот човек на втората по големина верска заедница во земјава, исламската, реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи.

Колку ИВЗ работи на соживотот меѓу граѓаните, особено за време на ваквите големи верски празници?
– Соживотот го доживувам како начин на живеење и на размислување, не како обична куртоазија. Да скршиш едно велигденско јајце или да изедеш едно парче бајрамска баклава е нешто сосема едноставно, нешто што секој може да го стори. Нивната симболичка вредност при верските празници е голема и упатува на размислување за вредностите на животот подарен од Бога, кој мора да биде осмислен духовно, исполнет со почит и пријателство, со хуманост. ИВЗ работи и се труди за и околу соживотот, било за време на верските празници, било по празниците.

Бевте голем критичар на претходната власт. Како ја оценувате соработката со сегашната Влада?
– Не сум бил критичар само на претходната власт, туку и на таа пред неа и на сите преостанати што со своето дејствување му наштетиле на исламот, ги дискриминирале ИВЗ и нејзините припадници. И Севишниот Бог вели дека на сите ни е должност да му се спротивставиме на неправедниот. Впрочем, тоа и се случи, тоа го стори народот, а јас како „голем критичар“ само ја извршив својата верска, интелектуална и морална должност. ИВЗ е натполитичка организација, која се грижи за организација на исламскиот верски живот. Актуелната власт е јасно и концизно информирана околу нашите проблеми. Во исчекување сме на „внатрешните реформи“, а дел од нив треба да го зафатат и решавањето на проблемите на ИВЗ. Во спротивно, се подразбира дека и јас и ИВЗ во целина ќе бидеме критични.

Постојано упатувате на тоа дека сѐ уште не е завршен процесот на денационализација на имотите. До каде е тој процес?
– Тој несреќен процес на денационализација дефинитивно не е завршен и е преполн со нејаснотии и неправедни одлуки, за кои, се разбира, денешната власт не може да биде одговорна. Таа е одговорна за исправање на нејаснотиите и неправдите, кои во делот што се однесува до ИВЗ се флагрантни. За жал, бевме сведоци во минатото дека процесот на денационализација беше селективно воден кон постојните верски заедници, но се надеваме дека веќе нема да биде така, дека ќе бидат исправени неправдите што нѐ болат и што многу придонесуваат за незадоволството на муслиманските верници во Македонија.

Честопати во Македонија има критики дека се крши секуларноста. Дали тоа е вистина?
– Исламот теолошки не го прифаќа делењето на државата од верата, но живееме во Македонија со припадници на други вери во еден простор што е секуларен и тоа треба да го почитуваме. Сите треба да знаеме дека земјата во која живееме не е исклучиво исламска, како што не е ниту исклучиво христијанска. Во минатото честопати имаше сериозни прекршувања на принципот на секуларноста, со што се разниша традиционалната меѓуверска толеранција. Се надевам дека сите ја извлековме потребната лекција од таквите експерименти. Секуларноста никако не значи дека верските заедници треба да бидат отфрлени и маргинализирани, бидејќи на тој начин не се маргинализираат само верските организации како единки, се маргинализираат верниците, кои се составен дел на општеството. Ако државата во одредени сегменти ги помага еднакво сите верски заедници, тоа не значи нарушување на секуларноста, напротив, значи реализирање на демократските права на едно повисоко ниво. Видете како функционира секуларноста во земјите од регионот и во тие од поранешна Југославија. Таму е сосема нормално кога верските образовни институции се финансираат од државата. На тие земји би требало да се огледа Македонија и се надевам дека тоа ќе го стори.

Пред неколку години баравте помош од тогашната влада околу влезот на различните учења на радикалниот ислам во земјава. Колку досега сте успеале да се изборите со радикалните исламски структури во земјава? Дали тој сега е присутен меѓу верниците во џамиите?
– Должност на државата и на компетентните институции е да се спротивстават на секое радикално учење или движење, без оглед на верскиот предзнак. Таквите движења се опасност, не само за ИВЗ и за муслиманите, тие се опасност за сите. Дали сме успеале да се избориме против таквите структури доволно говори јасниот став на нашите верници, кои традиционално му припаѓаат на ханефискиот месхеб, кој е еден од четирите во исламот. ИВЗ и муслиманските верници ги почитуваат сите месхеби, но ја следат ханефиската школа. Потврдувам дека ниту еден од тие месхеби нема никаква допирна точка со радикализмот или тероризмот, но имало случаи кога се појавиле некои радикализирани елементи што му припаѓаат на друг месхеб, не на ханефискиот. Такви елементи нема веќе во нашите џамии, а за некои поединечни случаи што можеби дејствуваат надвор од нашата надлежност како единствена институција одговорна за учење и ширење на исламот има компетентни институции. Се трудиме и во иднина ќе се трудиме да им помогнеме и да ги вратиме на вистинскиот пат оние што можеби запловиле во матните води на радикализмот.

Каков е вашиот однос со поглаварите на преостанатите цркви, верски заедници и религиозни групи во земјава? Дали се состанувате и дали од тие средби произлегле конструктивни прашања и решавања на проблемите со кои се соочувате?
– Имам коректен однос, би рекол и пријателски, со поглаварите на преостанатите верски заедници, кој се води по принципот на човечност, толеранција и подготвеност на конструктивен дијалог. Верата е многу битен елемент во животот на човекот и како поглавари мора да влијаеме кај верниците да ја добијат вистинската порака на Божјите учења и заповеди. Наша должност и должноста на нашите заедници е да бдееме над пораките што му ги испраќаме на верникот, не дозволувајќи да се одроди зборот на нашиот Творец. Нашите средби се конструктивни и секогаш биле во насока кон промовирање на мирот, на животот без насилство.