Како што информираат од претседателскиот кабинет, присутните констатирале дека Македонија, како членка на НАТО, покажала подготвеност и ги понудила своите капацитети за прифаќање на лицата од Авганистан.

– Надлежните министри и претставниците на институциите информираа за досегашните активности за згрижувањето на прифатените лица од Авганистан, за кои се направени сите неопходни безбедносни проверки и за кои се изработени безбедносните протоколи за нивен престој во државата – се наведува во соопштението.

Во однос на втората точка на дневниот ред, Советот за безбедност и предложил на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи.

– Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен – се согласиле учесниците.

Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.