Гешовски бил убиен за време на немирите во Сплит во 1991 година

Смртта на војникот на ЈНА, Македонецот Сашко Гешовски, и натаму претставува спорно прашање поврзано со распадот на СФР Југославија, односно со создавањето на независна Хрватска, што се актуелизира со тезата на поранешен хрватски политичар, која ја пренесува весникот „Слободна Далмација“.

Според сведокот на настаните, Гешовски бил смртно застрелан од оружје, од страна на некој од демонстрантите на протестот пред зградата на тогашната Воено-поморска област на поранешната југословенска морнарица, на 6 мај 1991 година.

– Повремено се слушаа истрели од пиштол кои можеа да не погодат на терасата на која бевме изложени. За тоа време никој од нас не слушна истрел од рафално оружје. Пред вратата под терасата се појавија двајца млади војници кои се препираа и потоа се вратија во приземната просторија. Меѓу нас допре глас дека еден од војниците е убиен. Не забележав санитетско возило. Беше тоа по 12 часот напладне. Од терасата одржував комуникација за да ги смирам демонстрантите, а тоа со напор го правеше и нашата полиција. За мене, тоа беше најтешкиот час по историја во мојата 20-годишна професорска кариера. Одлучив да влезам во зградата за да видам што се случи, во договор со моите соработници. Во приземјето, на подот во северозападниот дел лежеше мртов војник. Неговите другари го свртеле на страна, ја бришеа крвта од подот, за потоа да го свртат на грб и да го покријат со шаторско крило. На моето прашање одговорија дека тој е Македонец, дека се вика Сашко Гешовски. Ми кажаа дека е ранет уште еден војник – се сеќава политичарот, кој во времето на протестот бил потпретседател на собранието на општина Сплит и заповедник на Штабот на цивилната заштита, односно член на Кризниот штаб.

Тој потоа тајно бил испратен во Скопје, каде што според него бил примен од градоначалникот (во тој период градоначалник беше Милан Талевски – н.з.). Цел на неговото доаѓање во Македонија претставувала средба со семејството на Гешовски во Кавадарци, која била остварена, при што хрватскиот политичар изразил сочувство.

– Анализирајќи го развојот на настаните што доведоа до осамостојувањето на Македонија како суверена држава, смртта на Сашко Гешовски, без разлика што загинал во униформата на ЈНА која е одговорна за неговата смрт, а не хрватската страна, кога македонскиот народ бараше начин да се извлече без војна, беше прва жртва за самостојна Македонија – вели поранешниот член на градската власт во Сплит.