Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека следува период на променливо облачно и потопло време, што на повисоките места и на планините ќе предизвика забрзано топење на снежната покривка.

По одделни котлини и утре изутрина, како што се посочува, ќе има услови за појава на слаба магла, но преку денот ќе биде ветровито со повремено засилен југоисточен ветер. В понеделник ќе има локални врнежи од дожд главно со слаб интензитет. Нешто повеќе врнежи се очекуваат во среда, кога поради благо заладување, на планините, а и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.

Висината на снежната покривка измерена изутринава на Попова Шапка е 92 сантиметри, во Маврови Анови – 59, во Лазарополе – 42, Крушево – 39, во Пожаране – 27, Тетово – 10 сантиметри.

– Времето денеска е променливо облачно, во северозападните делови со слаб локален дожд, на места со ветер од југоисточен правец и релативно топло. Максималната температура ќе достигне до 15 степени. Во Скопје променливо облачно со слаба замагленост претпладне. Ќе дува умерен југоисточен ветер. Максималната температура ќе достигне околу 11 степени – информираат од УХМР.