Денес во Скопје ќе се одржат две јавни демонстрации на вредности, соодветни за групите што се одлучија тие вредности јавно да ги промовираат. Имено, едната е долгонајавуваната Парада на гордоста, а другиот настан е за промоција на традиционалните вредности на општеството. Дали треба и овие два настана да влезат во матрицата на протест и контрапротест или, пак, граѓаните треба најспокојно, зрело, трезвено и свесно да ги прифатат како реалност, не долевајќи масло на огнот и прифаќајќи ги оние вредности за кои сметаат дека им се поблиски и свои?

Начините на одржување протест и контрапротест во македонското општество е производ на политиките на популизам и отсликување на поделеноста меѓу граѓаните. Истата форма е присутна и во политичката, религиозната, па и сега во борбата на правата на ЛГБТИ-заедницата. Првата Парада на гордоста во земјава ќе се одржи на 29 јуни (сабота) во центарот на Скопје во организација на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија. Во исто време е закажана контрапарада, односно марш во насока на промоција на традиционалните вредности на општеството, која ќе се одвива паралелно со Парадата на гордоста.
Аналитичарот Петар Арсовски вели дека организација на контрапарада на Парадата на гордоста не е новина за околните балкански земји. Тоа, според него, е одлика на хомофобијата што е присутна на овие простори.

– Секогаш кога во некоја балканска земја ќе се организираше парада на гордоста се спротивставуваше контрапарада, која ги промовира семејните вредности. И кај нас тоа се пресликува од таа практика. Но генерално кај нас има навика на отворено и јавно изразување на одредено прашање да се појави спротивставување, што е одговор на поделеноста меѓу граѓаните – објаснува Арсовски.

Според агендата, Парадата на гордоста ќе започне од 11 часот со регистрација на учесниците во „Жена-паркот“, а потоа ќе се одржи марш од Собранието до Школка во Градскиот парк, каде што до 16 часот е предвидена програма со обраќање на локални и регионални активисти, претставници на институции, но и музичка програма.
Активистите велат дека Парадата на гордоста е протест во кој ЛГБТИ-луѓето бараат афирмација, заштита и поддршка на човековите права од страна на државните институции и сите граѓани, активисти, културни и уметнички работници, кои имаат прогресивни ставови и вредности, и кои покажуваат солидарност и поддршка за оваа борба.

Годинава се одбележува 50-годишнината од првите демонстрации во Њујорк, познати како Бунтот од Стоунвол, кои беа пресвртна точка за создавање на ЛГБТИ-движењето, односно борбата за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на ЛГБТИ-луѓето. Организаторите велат дека нашата држава е последната земја од регионот што организира парада на гордоста.

Од Организацискиот одбор се надеваат дека оваа парада на гордоста ќе биде една од најбезбедните и појаснија дека, освен МВР и тие будно ќе ја следат ситуацијата и ќе вложат напор секој поединец што ќе присуствува на парадата да се чувствува безбедно.

Во исто време кога ќе се одржува Парадата на гордоста во Скопје, организацијата наречена „Сојуз за живот“ преку поворката наречена „Сведоштво за семејството“ повикува на мирен протест за промоција на „вистинските традиционални вредности на семејството“.

Целта на протестот на „Сојуз за живот“ со поддршка на Брегалничката епархија, според јавните повици, е да се прикаже вистината за тоа што е брак, семејство и пол и како придонесуваат тие за животот, а против идејата за родова рамноправност, под изговор дека тоа претставува „промоција на неприродното семејство“.

Во соопштението на иницијаторите на контрапарадата е наведено дека се повикани сите верски заедници и дека се здружени во „Сојуз за живот“, како МПЦ-ОА, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичка црква и Еврејската заедница.

Официјално само Повардарската епархија од МПЦ, на чело со владиката Агатангел, ја поддржа иницијативата и ги повика верниците по утринската литургија да учествуваат на поворката низ Скопје посветена на сведочењето на традиционалните семејни вредности.