НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ ВО ДОМОТ

Граѓаните сѐ повеќе се заинтересирани за купување и украсување природни елки, нешто што во минатото, пред повеќе од дваесетина години, беше рутина и правило. Порано речиси немаше дом без природна елка, која по празниците со гордост се засадуваше. Меѓутоа, како што минуваа годините и сѐ повеќе напредуваше технологијата, вештачките елки почнаа да ги заменуваат природните новогодишни растенија…

Граѓаните не го изгубиле интересот за природни елки, и покрај тоа што годинава беше, како што се изразија повеќето скопјани, „значително депримирачка и помина во духот на изолација“. Секое семејство за Нова година сака во својот дом да направи сопствена зимска бајка, па независно дали за тоа ќе купат вештачка или природна елка, целта е да се внесе новогодишната магија во домовите.

Сепак, граѓаните се заинтересирани за купување и украсување природни елки, нешто што во минатото, пред повеќе од дваесетина години, беше рутина и правило. Порано речиси немаше дом без природна елка, која по прославата на новогодишните и божиќните празници се засадуваше на убаво место. Меѓутоа, како што минуваа годините и сѐ повеќе напредуваше технологијата, вештачките елки почнаа да ги заменуваат природните новогодишни растенија. На граѓаните им е поисплатливо да купат вештачка елка, која ќе ја користат неколку години, наместо природна, која ќе трае само неколку дена.

– Секоја година купувам природна елка, затоа што тоа ме потсетува на моето детство, на еден многу поубав, побезгрижен период, кога растевме ние. Зборувам за периодот пред повеќе од 25 години, кога новогодишните празници имаа многу поинакво значење од она што го имаат денес. Украсуваме природна елка, која ја наводнуваме за да не ни се исуши, а по завршувањето на празниците, ја засадуваме во дворот, како спомен и сведоштво на уште една измината година – вели Елена Стојановска.
Оние, пак, што годинава сакаа да се подноват со нова вештачка елка велат дека овој пат елките биле поскапи за разлика од минатите години.

– Секаде барав да купам елка, меѓутоа цените беа навистина повисоки во споредба со лани. Дали состојбата со пандемијата беше причина за поскапувањето не знам, меѓутоа повисоките цени беа забележливи насекаде низ продавниците во Скопје каде што се продаваат вештачки елки – вели Аце Самарџиевски.

Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, кои, покрај одржувањето на јавното зеленило, се занимаваат и со продажба на дрвја и растенија, велат дека интересот кај граѓаните за природни елки бил ист како и минатата година.

– Меѓутоа оваа година имавме во продажба елки со помала висина за разлика од лани, кога имавме повисоки елки, околу два метри, кои најмногу се продаваа, па поради тоа продажбата беше нешто послаба оваа година – информираат од претпријатието.
Во секој случај, многу е подобро да се купуваат природни елки, кои по завршувањето на празничниот период ќе бидат засадени во дворовите во куќите и зградите. Во услови кога се соочуваме со загаден воздух, природните елки се најдоброто решение што граѓаните можат да го направат за себе, но и за идните генерации.

[email protected]