Сите аптеки ќе можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување. Оваа предлог-уредба беше усвоена на денешната владина седница, со што, како што е објаснето од Министерството за здравство, се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации коишто можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет.

– Целта е надминување на проблемот со недостигот на лекови, поради можноста што ќе им се даде на аптеките коишто досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување, да склучат таков договор – велат од Владата.

Оттука додаваат дека истовремено целта е и да се мотивираат младите лекари да отвораат свои специјалистички ординации, коишто ќе имаат склучени договори со ФЗО, што досега не беше можно.

Владата на денешната седница ја усвои и Предлог програмата за изменување и дополнување на Програмата за потребите на специјалистички и субспецијалистички кадри, согласно мрежата на здравствени установи, со што, како што истакнуваат од владината прес-служба, се зголемува бројот на одобрени специјализации во државата. Истовремено денеска беше усвоена информацијата за изградбата и финансирањето на новиот Клинички центар, лоциран во Ѓорче Петров.