Синдикатот на Клиничкиот центар го поддржува предупредувачкиот штрајк на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК. Оттаму велат дека здрава и образована популација е основа за развој на едно демократско и високоразвиено граѓанско општество.

-Суштински елемент за формирање квалитетен кадар се просветни работници, кои се стручни и посветени на својата работа. Професионалноста е поврзана со добра организација на образовниот систем, а мотивираноста кон работата е директно зависна од чувството на правилно вреднување на трудот и знаењето на работникот. Само стручен и мотивиран просветен работник може да создаде правилно формирани професионалци во работата – се наведува во соопштението на ССКЦ.

Според Синдикатот на Клиничкиот центар, одговорна влада, која се стреми кон систем сличен на високоразвиените демократии, треба да го реализира своето ветување и програма и соодветно, а не со непристојни предлози, да ги вреднува оние што се одговорни за создавање здрава и образована нација.