Пописот ќе биде безбеден, а целта на повиците за бојкот е да не се одржи оваа операција и државата да тоне колку што е можно во калта, наместо да оди напред, истакна директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на денешната прес-конференција во Владата, на која ги повика граѓаните да не ги слушаат повиците за неучество на пописот.

Тој смета и дека негативната кампања во Македонија станува се поинтензивна при што одредени субјекти се обидуваат да ги демотивираат граѓаните да го бојкотираат пописот.

–  Ова е држава каде можете слободно да се изјасните како Македонци. Пописот е единствената операција која го прибира овој податок. Почитувани припадници на народите кои живеат во оваа земја, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати, имате можност слободно да се изјасните онака како мислите дека треба да се изјасните. Искоритете ја оваа можност – рече Симовски.

Преку апликацијата за самопишување на дијаспората заклучно утринава евидентирани се 148.719 лица, со што попишувањето на државјаните кои живеат во странство ќе трае до 21 април. Пописот на населението во Македонија ќе трае од 1 до 21 април, согласно со протоколите за заштита од коронавирусот.