Сите активности за почеток на пописот на 1 април се одвиваат тековно и не постои сомнеж дека пописот ќе се одложи, изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на денешната прес-конференција. Во врска со вестите за одложување на пописот, Симовски е категоричен дека се работи за шпекулации и лажни вести.

Во однос на казните во случај на одбивање да се учествува во пописот, како и за повиците за бојкот, директорот на ДЗС потенцира дека целта не е да се казнува, туку да се соберат податоци што ќе им служат на сите граѓани. Но, законите се јасни и надлежните институции, доколку е потребно, ќе постапат во согласност со тоа што е утврдено со законот.
– Прашајте ги сите инвеститори дали би инвестирале без основни податоци за една држава. Како ќе инвестираат ако не знаат за работната сила во регионот во кој сакаат да инвестираат, како ќе инвестираат ако немаат информација за каков пазар се работи… одговорот на овие прашања е причината зошто ни е неопходен пописот – заклучи Симовски.

Директорот Симовски апелира до сите граѓани на нашата држава да ја искористат можноста слободно и без никаков притисок да ја исполнат оваа граѓанска обврска.

Во однос на заштитата од ширење на пандемијата предизвикана од Ковид-19, Симовски ги увери граѓаните дека во текот на целиот процес до најситен детаљ ќе се следат препораките од Комисијата за заразни болести и уште еднаш потенцира дека не постои простор за грижа дека пописот ќе влијае на зголемување на бројот на заболени лица.

– Временската прогноза ни оди во прилог и секаде каде што може, пописот ќе се спроведува на отворено, таму каде што нема можност, ќе се внимава на протоколот и ќе се преземат сите превентивни мерки за заштита – истакна Симовски.

Тој нагласи дека пописот, пред сѐ, е операција што треба да обезбеди податоци што се основа за креирање на политиките, кои се од важност за сите граѓани.

– Затоа, повикувам да се заборават сите повици на бојкот и обиди за политизација на овој процес. Податоците што ќе ги добиеме се значајни за подобра иднина на сите на – рече Симовски.

Портпаролот на Владата, Муамет Хоџа, истакна дека пописот во дијаспората се одвива со задоволителна динамика и без никакви проблеми. Утрово бројот на самопопишани македонски државјани изнесуваше 148.719 лица.