Како држава како да назадуваме во сè, па треба допрва да учиме за солидарност и толеранција, како и за борбата за праведни и инклузивни општества. Не треба да дозволиме дискриминацијата да се шири ако сакаме да опстанеме како човечки вид, но сепак, сè уште се прекршуваат човечките и граѓанските права на најнеподнослив начин и ниту една земја не е имуна на тоа. Да се дискриминира значи да се третираат луѓето поинаку кога не постои значителна разлика помеѓу нив, а тоа остава долготрајни лузни на самата личност, кои подоцна се одразуваат во општеството. Иако во јавноста речиси секојдневно се посочува на примерите на дискриминација по разни основи, вчера објавениот извештај на Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД) покажува дека Комисијата за заштита од дискриминација не повела ниту една постапка против оваа мошне негативна појава во општеството. Извештајот на МЗД има цел да ја оцени функционалноста на постојните правни и институционални механизми за заштита од дискриминација.

– Комисијата досега по службена должност не повела ниту една судска постапка за заштита од дискриминација додека само за еден случај поднела прекршочна постапка против дискриминатор што не ја почитувал препораката на Комисијата за отстранување на дискриминацијата. Во некои од случаите и покрај утврдувањето на дискриминација, во мислењето нема препорака, а комисијата не го следи спроведувањето на препораките, таму каде што ги има. За да зборуваме за ефикасна заштита од дискриминација казните треба да бидат пропорционални, ефективни и да имаат одвратувачки ефект за сторителот, наспроти симболичното казнување, кое не придонесува за прекин на дискриминаторските практики – вели Јована Јовановска Кануркова од Мрежата за заштита од дискриминација.

Подготвениот извештај дава преглед на севкупното досегашно работење на Комисијата за заштита од дискриминација, ги идентификува позитивните и негативните аспекти во имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
– Мрежата за заштита од дискриминација постојано алармираше за неконзистентност, непрофесионалност и тенденциозност во постапувањето на Комисијата за заштита од дискриминација. Комисијата за заштита од дискриминација различно постапуваше во исти или слични случаи во зависност од политичката афилијација на потенцијалниот дискриминатор – објасни Игор Јадровски, еден од авторите на извештајот.

Инаку, Министерството за труд и социјална политика минатиот месец го презентира новиот закон за спречување и заштита од дискриминација, со кој треба да се обезбеди поефикасна заштита од дискриминација. Во новиот закон се прошируваат основите за дискриминација, се менува и подобро се дефинираат поимникот и дефиницијата за дискриминација, се професионализира Комисијата за заштита од дискриминација и се менуваат нејзиниот назив и надлежностите.  М.М.