Она што зачудува и разочарува е што не гледам инвестирање во образованието, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, професор Гордана Силјановска Давкова на вториот ден од расправата на Комисијата за финансирање и буџет на тема ребаланс на Буџетот.

– Нема подобра инвестиција од онаа во човечки капитал. Нема подобра инвестиција од онаа во млади, а кај мене во близина на Правниот факултет има недовршени згради, а пари не се предвидени за тоа. Тука треба да биде Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – посочи Силјановска.

Таа укажа дека очекувала во период на ковид-19 криза младите ќе се вратат во земјава.

– Мислев дека со ковид-19 многу млади ќе се вратат дома, така беше и во Бугарија. И мислев ако го ставиме акцентот на нив и овде имаат шанса да се вратат. Но тоа не се случи – рече Силјановска посочувајќи дека бројката на млади невработени во Македонија е околу 30 илјади невработени.

Дека е алармантна ситуацијата, посочи Силјановска, се гледа и по енормните задолжување.

– Голема е опасноста ако го пречекорите задолжување и надмине на 60 проценти од БДП. Значи Македонија е во лоша ситуација – рече професор Силјановска.