Фото: Маја Јаневска-Илиева

Силно сме спротивставени на корупцијата – за разлика од претходната, оваа Влада сериозно ги зема предвид и постапува по меѓународните извештаи, велат од Владата по извештајот што денеска го објави американскиот Стејт Департмент, а во кој се забележани сериозни наводи за корупција во власта и судир на интереси.

Македонската Влада наведува дека со исклучително внимание ги разгледува сите наоди и аспекти од извештајот на Стејт департментот на САД. Забелешките ќе бидат адресирани до засегнатите чинители со цел уште повеќе да ги зајакнат антикорупциските политики и да ја подобрат инвестициската клима во земјава.

– Владата е одлучна и сериозно посветена на решавање на наталожените и децениски проблеми, а справувањето со високата корупција и организиран криминал е на врвот на приоритетните национални реформи кои веќе испорачуваат резултати. Прочистувањето на правосудството, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки се неповратни процеси кои претставуваат препрека и закана за секој поранешен, актуелен и иден функционер кога е во прашање корупцијата – се наведува во владиното соопштение.

Се додава дека ваквите процеси даваат веќе видливи резултати, а во таа насока говорат и расчистените судски процеси низ кои повеќе високи политичари се осудени за сериозни кривични дела, а десетици се во напредни судски постапки и се очекува конечен исход од страна на судовите.

Според Владата, правосудството ги има сите услови за професионално и непристрасно одлучување, ослободено е од какви било влијанија на извршната власт, а органите на прогонот несомнено постапуваат неселективно, без разлика за кој функционер станува збор.

Во извештајот што беше објавен претходно денеска се наведува дека спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, а селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок калибар. Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата,обвинителството, судството и многу други сектори. Стејт Департментот пупати и забелешки на носењето на закони во Парламентот по скратена постпка.