Фото: Дарко Андоновски

Во Москва температурата падна под 20 степени, а според руските метеоролози, ниските температури во земјата ќе продолжат и на почетокот на следниот месец. Рим, кој поради медитеранската клима има најчесто умерени зими, деновиве како резултат на арктичкиот бран што мина низ Европа, е погоден од обилни снежни врнежи и ниски температури. Под влијание на студениот сибирски бран што од исток се прошири кон Балканскиот Полуостров, целиот регион е зафатен од ниски температури и врнежи од снег, кој падна дури и во делови на јадранското крајбрежје. Снегот предизвика проблеми во одвивањето на сообраќајот во поголемиот дел од Балканот, пред сѐ на повисоките места. Метеоролозите најавуваат дека исклучително студеното време, проследено со ниски температури и снежни врнежи, ќе продолжи во текот на целата оваа недела.

Фото: Игор Бансколиев

Македонија не е исклучок, па, така, снег најмногу наврна во Маврово каде што до вчера наутро беше формирана снежна покривка од 78 сантиметри. Во Лазарополе имаше 51 сантиметар снежна покривка, во Крушево – 41, во Пожаране – 38, во Дојран и во Претор – 17, Во Скопје и Тополчани – 15…

Минималните температури во целата земја беа под нулата. Облачно и студено, со врнежи од снег беше и во текот на целиот вчерашен ден. Се очекува и во наредните денови земјата да биде под влијание на многу студена и влажна воздушна маса што ќе условува сѐ постудено време со повремен снег.

– До четврток, кога се очекува прекин на врнежите, температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината. Најстудено ќе биде в среда и четврток преку ноќта, кога утринската температура наместа ќе се спушти и под -10 степени. Од петок температурите релативно брзо ќе се покачуваат – најавија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Оттаму предупредија и дека двојно е зголемено нивото на Вардар кај Јегуновце и кај Зајчев Рид во однос на просекот за февруари.

Фото: Дарко Андоновски

– Податоците на Управата за хидрометеоролошки работи покажуваат дека Вардар има повисоко ниво и кај Велес и Демир Капија, а покачени се водостоите и на Пчиња кај Катлановска Бања и на Треска кај Македонски Брод. Намалени се водостоите на Крива Река кај Крива Паланка и на Црна Река кај Новаци, додека во рамките на февруарскиот просек е нивото на Брегалница кај Берово. Водостоите на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро се во рамките на просекот – соопштија од УХМР.
Поради снегот, вчера во Скопје повеќе градски и приградски автобуски линии беа скратени. Од ЈСП „Скопје“ информираа дека контактирале со зимската служба на градот Скопје и се очекуваше, во зависност од временските услови, поголем дел од овие линии нормално да сообраќаат.

Снежните врнежи и низ целата држава го отежнаа и забавија патниот сообраќај, кој се одвива по влажни коловози, со остатоци од кашест снег, и со забрани и ограничувања за тешки товарни возила на планинските превои и дел од патиштата. Поради појава на магла видливоста беше намалена од 15 до 20 метри на Попова Шапка.
Снегот до вчера не предизвика проблеми во авиосообраќајот и во железничкиот превоз. П.Р.