Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Министерството за здравство уверуваат дека се подготвени да се справат со заканата откога Светската здравствена организација изрази загриженост дека вирусот лесно може да се прошири во земји со послаб здравствен систем

Колку македонскиот здравствен систем ќе може да се справи со новиот опасен коронавирус, со оглед на тоа дека Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост дека вирусот лесно може да се прошири во земји со послаб здравствен систем? Токму вакво прашање се наметнува во јавноста, откако СЗО, поради забрзаното ширење на вирусот, пред два дена прогласи планетарна вонредна состојба.

Македонските епидемиолози велат дека ќе треба големо екипирање персонал ако се случи да имаме заболен од овој вирус, но од Министерството за здравство уверуваат дека се подготвени.
Жихан Тавила, претседателката на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, вчера посочи дека треба да бидеме будни, но нема потреба од кревање паника. Од средбата со Министерството за здравство, таа заклучила дека земјата и здравствените институции имаат капацитет да спроведат брза детекција и да го спречат ширењето на вирусот.
– Ова е нов вирус и секојдневно се менуваат сознанијата. Ништо не е фиксно, секој ден учиме по нешто ново. СЗО е целосно подготвена да помогне за сè што треба. Населението треба да практикува респираторна хигиена и доколку граѓаните не се чувствуваат добро, кашлаат или киваат, да се консултира со доктор. Миењето раце е првата хигиенска мерка – изјави Тавила.

Венко Филипче, министерот за здравство, посочи дека следните денови ќе следуваат мерки според меѓународниот здравствен правилник.
– Направивме подготовка за нешто за што сè уште немаме видлив и сериозен ризик дека може да се случи кај нас, а тоа се голем број заболени од коронавирусот. Но го подготвивме целокупниот здравствен систем, кадарот, во однос на инфраструктурата, во однос на опремата, во однос на точно одредување на местата на кои евентуално би имало потреба да ги хоспитализираат пациентите. Ние сме чекор или два напред и целосно сме подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам, далеку сме од тој ризик. Сè уште важат истите мерки, на аеродромот е поставена термалната камера за патниците од Истанбул и од Дубаи, ако има потреба, ќе се постави и на охридскиот аеродром и ќе се испрати информативен материјал до полициските станици и до царината на сите гранични премини. Доколку има високосомнителен случај. ќе се консултира Центарот за јавно здравје – изјави министерот Филипче.
Инаку, Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека вкупниот број на смртни случаи од коронавирусот во земјата до вчера се искачил на над 200 лица, а заразени биле над десет илјади. Инфекции се пријавени најмалку во 15 други земји, со 104 потврдени случаи надвор од Кина. Засега не се пријавени смртни случаи надвор од Кина. Во меѓувреме се излекувани повеќе од 130 пациенти.


Дали корона може да стигне преку пратките од Кина?

Загриженоста за потенцијална инфекција со коронавирус е толку силна што многу луѓе со голема претпазливост ги гледаат и отвораат нарачаните производи што доаѓаат од Кина по пошта. Хрватските медиуми пишуваат дека многу предмети, облека, парфеми, техника и сѐ што може да биде нарачано електронски од Кина, кога ќе стигне во домовите на луѓето, тие од страв од зараза ги фрлаат.

Некои граѓани од Сплит изјавиле дека прво ги стерилизирале пратките, а има и некои што ќе ги држат неотворени на изолирано место.
Епидемиолог Бернард Каиќ, раководител на Инфективната епидемиолошка служба на хрватскиот институт за јавно здравје, вели дека граѓаните не треба да имаат страв од пратките од кинеската област.

– Врз основа на достапните информации, веруваме дека ризикот од пренесување нов коронавирус на луѓето преку поштенски артикли е занемарлив. Преносот на новиот коронавирус преку поштенски производи сè уште не е докажан. И вирусот што го предизвика САРС пред 18 години и оној што го предизвика мерс пред седум години се пренесуваат преку директен близок контакт – посочува епидемиологот.


Лажна тревога во Македонија

Македонските здравствени власти вчера објавија дека воделе еден случај како сомнителен на коронавирус. По анализите се воспоставило дека се работи за заболен од грип и засега здравствената состојба на пациентот била стабилна. Случајот вчера го потврди и министерот за здравство Венко Филипче.
Иако коронавирусот е распространет во повеќе земји, засега нема информации македонски државјани да биле во контакт со заболен или сомнителен случај.

[email protected]