Се уште нема договор меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. И по вечерашната средба во Министерството за правда остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и употребата на аудио материјалите.

Претставниците на власта и опозицијата, кои учествуваа на средбата, вечерва изјавија дека разговорите продолжуваат и оти е оставен простор за консултации. Дополнително ќе биде утврден нов термин за средба.

– Разликите остануваат. Клучните разлики се во статусот на СЈО и во употребата на аудио материјалите.  Се договоривме да се извршат консултации во делот на тоа каде би можело да има придвижување за да најдеме простор за заедничко носење на законот. Така што денеска нема некој посебен напредок со кој може да се пофалиме – изјави по средбата министерката за правда Рената Дескоска-Треневска.

Дескоска се надева дека законот ќе биде донесен пред изборите. – Работиме на обезбедување мнозинство од 80 пратеници,  рече Дескоска, додавајќи дека се разговара со сите пратенички групи. Соопшти дека денеска имале средба со Беса и Алијанса на Албанците и оти се најдени заеднички точки околу кои може да се движи поддршката за законот.

И Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека остануваат разликите во однос на текстот на Предлог-законот за јавното обвинителство, но оти постои расположение за понатамошни средби.

– Остануваат сериозни разлики во толкувањето на содржината на целиот Предлог закон за обвинителство но, исто така беше потврдено дека постои расположение за одржување на понатамошни консултации со цел да вложиме заеднички напори да стигнеме до одреден напредок и можно заедничко решение – изјави вечерва Милошоски.

Конструктивноста на опозицијата беше поздравена и од страна на ДУИ. – За поздравување е што опозицијата продолжи со конструктивниот дијалог во однос на Законот за јавно обвинителство и поднесе амандмани. Договорено е да се продолжи со разговорите во обид да се изнајде компромисно решение за усвојување на законот на консензуален начин во Собранието – изјави Артан Груби од ДУИ.