Иако никој од надлежните, или барем упатените, досега не одговори директно на прашањето дали минатонеделната антитерористичка акција на МВР насочена против приврзаници на Исламската држава е дел од безбедносните подготовки за најавеното доаѓање на папата Франциск во земјава, сепак од некои толкувања на акцијата може да се насети потврден одговор, особено кога ќе се пресмета дека до посетата, која се карактеризира како настан со висок степен на ризик, остануваат уште само два месеца

Можно ли е минатонеделната антитерористичка акција на МВР насочена против приврзаници на Исламската држава (ИД), која во јавноста беше проследена со многу непознаници и шпекулации, всушност да е дел од безбедносните подготовки за најавеното доаѓање на папата Франциск во земјава? Иако никој од надлежните, или барем упатените, досега не одговори директно на ова прашање, сепак од некои толкувања на акцијата може да се насети потврден одговор, особено кога ќе се пресмета дека до посетата, која се карактеризира како настан со висок степен на ризик, остануваат уште само два месеца.
Како што е познато, поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ќе биде првиот папа што ќе ја посети Македонија. Неговата посета на Скопје е предвидено да се случи на 7 мај годинава, а еден ден претходно тој ќе престојува во соседна Бугарија. Посета на папата на една земја или регион е настан број еден од многу аспекти. Во тој контекст, карактеристичен е ставот на многу безбедносни експерти дека нивото на неговата посета се израмнува со посетата на еден американски и руски претседател, а активностите поврзани со гарантирање на безбедноста на папата почнуваат многу време пред тој да пристигне во земјата.

Во меѓувреме, безбедносни експерти со кои се консултиравме, во сублимиран заклучок, велат дека сѐ уште не е јасно дали последната операција на МВР е дел од некоја безбедносна претходница поврзана со историската посета на католичкиот верски лидер на нашата држава или, пак, станува збор за нешто сосема друго.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски смета дека доколку имаше ваква операција за сузбивање на тероризмот на петнаесетина дена пред посетата на папата на државата, тогаш многу полесно ќе се заклучеше дека МВР превентивно дејствувало во тој правец.

– На ваков начин се остава простор да се шпекулира што точно се случило минатата недела и дали операцијата насочена против ИД можеби е поблиска со овонеделната акција за приведување на групата што продавала нелегално оружје отколку со процесите за гарантирање на безбедноста за посетата на папата во Македонија – вели Марковски.

Универзитетскиот професор Златко Димовски од Полициската академија се сомнева дека тоа што МВР го соопшти минатата недела е во контекст на безбедносни подготовки за посетата на папата на земјата. Според професорот, во овој момент е можеби прерано да се говори дали минатонеделното случување може да се поврзе со претходницата за обезбедување на папата Франциск.

– Јас верувам дека до посетата има уште многу време, но кога тоа ќе започне да се случува, сигурен сум дека безбедноста во државата ќе биде подигната на највисоко ниво, а во тоа, по редот на нештата, ќе се вклучат и припадниците на службите што се грижат за папата во светот – вели Димовски.

Анализирајќи ја заднината на последното случување, тој вели дека според неговото размислување, за да биде комплетна објавата на МВР за операцијата против ИД, сега треба да се прикаже целата слика за настанот, за да истакне дека заканата е анулирана, а со тоа и да се смират граѓаните, бидејќи на овој начин со непотполните информации се предизвикува секундарен ефект од дејствување на терористите, што резултира со ширење страв кај граѓаните.

Во тој контекст професорот упатува и смирувачки тонови, со уверување дека домашните служби имаат големо искуство во операции против терористички групации, без разлика дали се директно поврзани со ИД или слични на нив, како што во минатото беше случај со милитантите на Ал каеда.


Околу 80 повратници од ИД во Македонија

Според информациите од безбедносните служби, околу 150 македонски државјани заминаа да се борат за Исламската Држава (ИД), од нив загинаа триесетина, додека приближно 80 се вратија назад во земјата. Тие, во сите безбедносни процени, се посочуваат како потенцијална опасност за земјата.