Фото: Игор Бансколиев

Во тек е вештачење на хард дисковите на Обвинителството за организиран криминал и корупција, затоа што при непосредната контрола не постоеја технички можности да се утврди дали и таму било снимано. Сé уште не знаеме дали и во ова Обвинителство било прислушувано, рече на денешната прес-конференција јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Сашо Рајчев одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде дека во зградата на ЈОРМ неспорно е дека дека има снимени разговори.

-Прво да го завршиме вештачењето во Обвинителството за организиран криминал и корупција, па преминуваме на проверки за неовластеноста во снимањето и потоа евентуално во прислушување доколку имаме пристап на тие разговори на лица неовластено од надвор- рече Рајчев.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески пред неколку месеци на брифинг со новинарите објави дека од 30 септември 2016 година биле прислушувани фиксните броеви од телефонскaта централа во ЈОРМ и во два хард диска се снимани сите комуникации.

Централата за фиксна телефонија во ЈОРМ била инсталирана во 2013 година кога била и вселена зградата, па затоа ќе се истражува дали опремата била набавена со опција за снимање, или тоа дополнително било направено.