Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека како и досега, внимателно ги следи емисиите на загадувачките супстанции во амбиентниот воздух.

Oд Министерството нагласуваат дека во моментов се прибираат и регистрираат сите податоци од аспект на активни деловни субјекти, активен транспорт, активни индустриски капацитети во различен временски период, односно ограничено движење и подолго престојување на граѓаните во своите домови, наспроти временските услови, со цел нивна анализа за определување на влијанието и уделите на клучните фактори за аерозагадувањето и понатамошно соодветно креирање на стратешките и планските документи, односно акциските мерки.

– МЖСПП доби податоци од Државниот инспекторат за животна средина за сите инсталации кои вршат дејност во овој период, а се под нивна надлежност, односно капацитетот со кој работат во период на намален број на ангажирани лица и часови на работа. Понатаму, oд Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи се прибираат информациите за активните дејности за време на ограничувањето на движењето на граѓаните (ноќните часови), како и за проценката на бројот на возила на сообраќајниците. Податоците за временските услови се обезбедуваат од УХМР. Со анализа на собраните информации ќе се добијат податливи сознанија кои се исклучително важни од аспект на креирањето на политиките во областа на животната средина, односно планирањето на мерки и активности за справување со аерозагадувањето – велат од министерството.

Првичните, а и последователните анализи во временски циклус заради забележување на трендови, поопширно ќе бидат споделени на веб страницата на МЖСПП, со цел увид на стручната, но и општата јавност и извлекување на релевантни заклучоци.

Истовремено, МЖСПП укажува дека инспекциската контрола е клучна за детектирање и спречување на акутните покачувања на вредностите, поради евентуални недозволени активности и поради тоа веќе беше иницирано овозможување на непречената работа на инспекциските служби.

– Неопходно е да се овозможи на ДИЖС да ги спроведува контролите над индустриските капацитети кои поседуваат А-интегрирани дозволи, доколку тоа е потребно, и за време на полицискиот час на територијата на РМ, но неопходно е овластување и на локалните инспектори, кои се надлежни за контролата на капацитетите кои поседуваат Б-интегрирани дозволи, односно сите активности кои се во спротивност со Законот за јавна чистота. Дополнително, не смее да запре контролата на отворените огнови, а посебно палењето на стрништата, што е во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство – додаваат од Министерството.