Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покрај крштението, исповедта и причестувањето, постот е еден од столбовите на христијанската вера, кој е задолжителен за секој верник. Постењето се поврзува со воздржување од мрсна храна, но во суштина постењето е многу повеќе од тоа и значи воздржување од лоши мисли и дела и прочистување на телото од искушенија

Православните верници што го слават верскиот празник Божиќ по јулијанскиот календар на 7 јануари секоја година, од денеска почнуваат да постат. Ова е вториот најголем пост во христијанството, кој се практикува во пресрет на Рождеството Христово, преку кој верниците со покајание, молитва и пост и со чисти срца, душа и тело се подготвуваат да го пресретнат Синот Божји, кој, според Православната црква, се јавил на Земјата, принесувајќи им го, наместо обични дарови и жртви, чистото срце на верниците. Овој пост се практикува 41 ден и завршува со посна бадникова вечера, ден пред Божиќ.

Покрај крштението, исповедта и причестувањето, постот е еден од столбовите на христијанската вера, кој е задолжителен за секој верник. Постењето се поврзува со воздржување од мрсна храна, но во суштина постењето е многу повеќе од тоа и значи воздржување од лоши мисли и дела и прочистување на телото од искушенија.
Според свештенството на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, правилата на воздржание, пропишани од црквата во божиќниот пост се исти како и за петровденскиот пост.

Јасно е дека во времето на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Освен тоа, во понеделник, среда и петок во божиќниот пост не се јаде риба, вино и масло, а дозволено е само примање храна без масло. Во другите денови, вторник, четврток, сабота и недела, разрешена е храна со растително масло. Рибата за време на божиќниот пост е дозволена во саботите и неделите, како и на големите празници, каков што е празникот Воведение во храмот на пресвета Богородица, а исто така и на празници на храмови и деновите на големите светии, но само доколку тие празници се паднат во вторник или четврток. Доколку празникот се падне во среда или петок, се разрешува на вино и масло – објаснуваат свештениците.

Свештениците нагласуваат дека од 2 до 6 јануари постот се засилува и во тие денови, дури и во сабота и недела, рибата не е благословена, според црковните правила.
Поради изборот на храна во продавниците и во рестораните, постот веќе не претставува проблем дури и за оние што имаат секојдневни работни обврски. Свештениците истакнуваат помладите верници да не го идентификуваат постот со диета.

Најмногубројни се оние што телесно и духовно се прочистуваат само првата и последната недела од постите, кои завршуваат на Божиќ. Секако, има и такви што поради болест или оправдани причини го ублажуваат постот. По правило, верниците до 6 јануари идната година, на Божиќ, треба да се воздржуваат од лоши мисли и храна, со што ќе се означат четириесетдневните пости востановени во чест на раѓањето на Исус Христос – објаснуваат свештениците.


Верските обичаи и политичарите

Додека православните верници се подготвуваат за божиќните пости, политичарите од државниот врв секој на свој начин ќе ги практикуваат својата вера и обичаи. Познато е дека и претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, како и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, за себе велат дека се верници, а честопати можат да се сретнат и во црква за големите празници.
„Нова Македонија“ ги праша дали следниве 40 дена ќе ги поминат во пост, како што налага верското учење и дали за тоа би зборувале пред јавноста, како и што мислат за постот како дел од практикувањето на верата.
Премиерот Зоран Заев вели дека е верник и дека ги почитува верските обичаи, но сепак смета дека конкретното прашање за постот и неговиот начин на практикување на верата е негова интимна и лична одлука, за која не би сакал да зборува во јавноста, пред сѐ затоа е што е премиер на држава што во основа се декларира како секуларна.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицковски за себе смета дека е голем верник, дека ја почитува православната вера, како и сите обичаи што ги налага верското учење. Вели дека традиционално пости за време на велигденските пости. За него, верата има големо значење, меѓутоа и работните обврски не секогаш му овозможуваат постојано да ги практикува сите верски начела.
Претседателот Иванов јавно се декларира како верник и често може да се види во црковните храмови. Секоја година организира бадникова вечера со своето семејство и ги кани децата од бадниковите поворки, а веројатно така ќе биде и оваа година. Сепак, од неговиот кабинет не можеа да одговорат на конкретното прашање дали тој ќе пости, поради неговото работно патување во Турција.