Националната стратегија за соработка со дијаспората 2018-2023 е при крај и се очекува да биде донесена до крајот на летото, како прв стратегиски документ што една влада во овие 27 години го работи во делот на дијаспората. Ова го истакнал министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми во интервју за МИА.
Националната стратегија, како што објаснил министерот, има четири клучни столба. Првиот е политичко-административниот дел, каде што се регулира правото на гласање на дијаспората, забрзување на документацијата, создавање побрз и пофункционален систем за да не се чекаат документи со месеци. Вториот столб е економскиот и инвестициски аспект. Законот за финансиска поддршка на инвестициите, иако беше предвиден во националната стратегија, веќе е донесен. Во овој дел е и соработката меѓу бизнисите и промоција во туризмот. Третиот столб е за образование, наука и млади и во него има доста активности за изучување на мајчиниот јазик, за зголемување на бројот на наставници што ќе бидат испратени или веќе живеат и работат во некоја од земјите што државата може да ги искористи и ангажира во учење на мајчиниот јазик на децата од дијаспората.

– Во рамките на тој столб се размислува за отворање еден истражувачки центар за прашања и политики од интерес на дијаспората во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – објаснил Адеми.
Четвртиот столб е за култура и за промоција на културните вредности.
Во изработката на националната стратегија се вклучени претставници на сите оние министерства што имаат надлежности за дијаспората, како министерствата за финансии, за надворешни и за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за образование и наука, за култура, за здравство, Агенцијата за иселеништво, експерти од Македонија, универзитетски професори… Вклучени се поголеми организации од дијаспората, како Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Форумот за демократска Македонија, Сојузот на македонските здруженија од Шведска… Сите тие испратиле свои ставови и идеи. Националната стратегија се изработува со стручна поддршка од Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Во интервјуто Адеми истакнува дека Македонија е една од ретките земји во регионот, можеби и единствена, што нема закон за дијаспора. П.Р.