ДЕБАР

Во Домот на културата во Дебар синоќа се одржа 11-то издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика фест 2020“. На фестивалот беа изведени 11 нови композиции, со изведувачи и автори од Охрид, Струга, Дебар, Ростуше-Маврово и други. Фестивалот се одржа според сите мерки пропишани за заштита од ковид-19, а имаше натпреварувачки карактер.

Првата награда од жирито ја доби Моника Гјулиоска, ученичка во шесто одделение од Дебар, за композицијата „Нова година“. За најдобра вокална изведба е прогласена композицијата на Ајлин Рамаданоска , за песната „Те знае ли тој како јас“. Најдобриот сценски настап го имаше дуетот Мила Цепенкоска и Фиона Винчези-Маркулевска од Охрид, кои пред присутната публика ја изведоа песната „Распеани рибарчиња“. За најдобар дебитант на годинешното издание беше прогласена Адна Оџоска од Лабуниште, која ја изведе композицијата „Школски шампиони“.

Учесниците на фестивалот изразија големо задоволство што имаа чест да настапат на овој реномиран фестивал, а една од најсреќните изведувачи вечерта беше победничката Моника Гјулиоска.

– Многу се радувам за наградата. Таа ми е уште подрага ако се има предвид дека ја освоив во силна конкуренција, на голем број квалитетни и искусни изведувачи – истакна првонаградената Моника.

Директорот на фестивалот, а наедно и директор на Центарот за култура, Зинче Мимидиноски, беше презадоволен што и во овие тешки времиња беа успешни организатори на 11-то издание на овој фестивал.

– Успеавме на младите изведувачи да им помогнеме да го живеат својот детски живот и да ги оттргнеме од вниманието од пандемијата на ковид-19. Сите изведувачи заслужуваат највисока оцена, а на наградените уште еднаш им честитам за одличните интерпретации и очекувам нивните композиции во иднина уште повеќе да се слушаат и афирмираат – рече Мимидиноски.

Фестивалот финансиски го поддржа Министерството за култура, како проект од национален интерес. Тој е дел од годишната програма за работа на Центарот за култура во Дебар за 2020 година. З.А.